КОШАРКА
Кадетското ЕП в година во Скопје

Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) ќе биде организатор на Европското првенство (ЕП) од дивизија А за кошаркари под 16 години во 2021 година (13-21 август ) во Скопје, потврди европскиот дел на ФИБА во Минхен, а по претходно испратена пријава, известуваат од КФМ. На седницата на Бордот на ФИБА Европа беа утврдени и домаќините на сите младински натпреварувања за 2021 година, што значи и местата каде што ќе играат уште четири македонски репрезентации. Така, машката селекција за кошаркари до 20 години ќе игра на ЕП, дивизија Б (16-25 јули) во Тбилиси (Грузија), а репрезентацијата до 18 години, дивизија Б (30 јули – 8 август), во Орадеа (Романија). Во женска конкуренција, кошаркарките до 18 години ќе настапат на ЕП дивизија Б (23 јули -1 август) во Оберварт, Гусинг (Австрија), а до 16 години ќе играат на ЕП, дивизија Б (5 -14 август) во Сараево (БиХ). Г.И.


КОШАРКА
Лигата на шампионите ќе се доигра во Атина

ФИБА реши Атина да ја добие организацијата на завршниот турнир за сезонава, со осум екипи, во кошаркарската Лига на шампионите (ЛШ), откако на 12 март ова натпреварување беше запрено поради пандемијата на коронавирусот. Турнирот треба да се одржи од 30 септември до 4 октомври годинава. Подоцна ќе биде донесена одлука за присуство на гледачи во салата. Шесте екипи што веќе се квалификуваа за осминафиналето се АЕК (Грција), Сарагоса (Шпанија), Нимбург (Чешка), Хапоел (Израел), Сан Пабло Бургос (Шпанија) и Турк Телеком (Турција). За уште две места на турнирот ќе играат Дижон (Франција) – Нижни Новгород (Русија) и Тенерифе (Шпанија) – Остенде (Белгија), на 16 септември. Г.И.


ТЕНИС – САД ОПЕН
По две кола се елиминирани 18 носители

Првата носителка на САД опен, чешката тенисерка Каролина Плишкова, го заврши настапот на гранслем-турнирот во Њујорк по поразот во 2-то коло од француската тенисерка Каролин Гарсија со 1-6 и 6-7. Во второто коло застана и 13-та носителка, Американката Алисон Риск, која загуби од сонародничката Ен Ли со 0-6 и 2-6. По две кола се елиминирани и Елена Рибакина (11-та носителка), Маркета Вондроушева (12), Дајана Јестремска (19) и Анастасија Севастова (31). Кај мажите второто коло беше излезна станица за 13-от и за 24-от носител, Кристијан Гарин, односно Хуберт Хуркач. Вкупно по две кола се елиминирани осум носители на машкиот дел на турнирот (еден од првите 10) и 10 во конкуренција на жени (една од првите 10), од вкупно по 32. Та.Д.