Откажани трките во алпско скијање во Канада и во САД
Традиционалното отворање на сезоната во Светскиот куп (СК) во алпско скијање со брзите трки во Канада и во САД во ноември и во декември е откажано, а трките се избришани од календарот поради пандемијата на ковид-19, соопшти Светската скијачка асоцијација (ФИС), пренесува „Ројтерс“.
Станува збор за машкиот и за женскиот спуст што требаше да се одржат во Лејк Луис, Алберта, Канада, односно во Бивер Крик, Колорадо, како и техничките трки во Килингтон, Вермонт (САД).
Трките во Европа, машкиот и женскиот велеслалом, на глечерите над Зелден (Австрија) треба да се возат како што е предвидено, на 17 и на 18 октомври.
Во Лејк Луис од 25 до 29 ноември требаше да се возат спуст и супервелеслалом во машка конкуренција. За една недела подоцна беа закажани женските трки во тие две дисциплини. Во Бивер Крик, од 1 до 6 декември, требаше да се одржат три трки, спуст, супервелеслалом и велеслалом за мажи.
Откажаните трки ќе бидат додадени во европскиот календар и треба да се одржат во Вал д’Изер, во Сент Мориц и во Куршевел. Л.Д.
Нема повеќе подиум-девојки на Тур де Франс
На Тур де Франс повеќе ќе нема по две подиум-девојки, кои ќе им помагаат и ќе се бакнуваат со победниците во етапата и со водечките во повеќе категории, и во генерален пласман по секоја етапа. Наместо тоа, сега ќе има по една жена и по еден маж, кои ќе учествуваат во протоколите на подиумот, а ќе се намали и бројот на другите гости.
Повеќе години се практикуваше две девојки да им предаваат букети цвеќиња и играчки од спонзорите на велосипедисте на Тур де Франс. Потоа двете девојки истовремено ги бакнуваа велосипедистите на двата образа. Тоа беше осудувано како сексистичко и старомодно, а „Европа 1“ објави дека во петицијата лани биле собрани 38.000 потписи на луѓе што се согласиле дека жените „не се предмети или награди“. Практиката за употреба на „девојки“ пред почетокот на трките во Формула 1 е прекината во 2018 година. Л.Д.
ИХФ планира да воведе трет судија на меч?
Со завршувањето на предавањата на првиот онлајн симпозиум на Светската ракометна федерација (ИХФ), на кој учествуваа врвни ракометни тренери и судии, на повидок е воведување ново правило.
Трет судија на терен е промената што светската ракометна куќа имаше во план да ја тестира на неофицијалното светско клупско првенство Суперглоуб доколку не беше одложено неговото одржување поради пандемијата на коронавирусот.
Со воведувањето на третиот судија, арбитрите би имале поголема прегледност на играта, со што би се подобрил квалитетот на судењето на натпреварите. Третиот судија би се движел покрај аут-линијата спроти клупите со резервни играчи.
Она што е интересно за ова предлог-правило е тоа што ИХФ планира на натпреварите да судат тројца судии од три различни земји. Според регулативите на ИХФ, ракометни правила може да се менуваат и воведуваат само по завршување на летни олимписки игри. Та.Д.