Спортски вести

ФИФА
Продадени се над половина милион билети за СП 2023 за фудбалерки

Светската фудбалска федерација (ФИФА) објави дека над половина милион билети се продадени во повеќе од 120 земји за деветтото издание на Светското првенство (СП) за фудбалерки, кое треба да се одржи годинава во Австралија и во Нов Зеланд.
Турнирот во минатата недела ја надмина продажбата на билети над 500.000, а најбараниот натпревар на турнирот беше финалето на 20 август на стадионот Австралија во Сиднеј. Ова ќе биде прво СП со учество на 32 репрезентации.
– Продажбата на билети за СП 2023 има одличен почеток и не купуваат билети само домашните гледачи во Австралија и во Нов Зеланд. Гледачи што живеат во САД, Англија, Катар, Германија, Кина, Канада, Република Ирска и во Франција се првите 10 купувачи на билети за СП 2023 досега. Ова ги нагласува фантастичната привлечност на фудбалот за жени и страста што таа ја предизвикува кај глобалната фудбалска публика – вели генералната секретарка на ФИФА, Фатма Самоура, пренесе ФИФА.
Цените на билетите почнуваат од 20 долари за возрасни и 10 долари за деца.


ФУДБАЛ – АНГЛИЈА

Сезонава 18 тренерски промени во 14 клуба во Чемпионшип

Вкупно 14 од 24-те клуба во фудбалската дивизија Чемпионшип (второ натпреварувачко ниво во Англија) веќе направија барем една промена на тренер сезонава, а четири клуба веќе двапати менуваа, пишува „Скај спорт“. Тренерска смена сезонава не направија водечките два тима, Барнли (Винсент Компани) и Шефилд јунајтед (Пол Хекингботом), како и Милвол (Гери Ровет), Блекбурн (Јон Дал Томасон), Ковентри (Марк Робинс), Свонси (Расел Мартин), Престон (Рајан Лоу), Бристол (Најџел Пирсон), Ридинг (Пол Инс) и Бирмингем (Џон Еустас), една измена направија Мидлсбро, Лутон, Сандерленд, Вотфорд, Норвич, Вест Бромвич, Хал, Стоук, Ротерам и Блекпул, а по две измени на тренери направија Квинс Парк ренџерс, Кардиф, Хадерсфилд и Виган, пишува „Скај спорт“.


„ЛАУРЕУС“
Во трка за наградите Меси, Ферстапен, Швјонтек, Шифрин, многу репрезентации…

Објавени се номинациите за светските спортски награди „лауреус“ за 2023 година, а во трка не се само спортистите што ги одушевија спортските гледачи во претходните 12 месеци туку и неколкумина што ќе ја завршат својата кариера како најголеми во историјата на нивниот спорт. Седум спортисти и спортистки од вкупно седум спорта се, меѓу другите, кандидати за наградата за најдобри во 2023 година. Во продолжение се некои категории со номинираните.
Спортист на годината: Килијан Мбапе (фудбал, Франција), Лионел Меси (фудбал, Аргентина), Макс Ферстапен (Ф1, Холандија), Мондо Дуплантис (атлетика, Шведска), Рафаел Надал (тенис, Шпанија) и Стивен Кари (кошарка, САД).
Спортистка на годината: Алексија Путејас (фудбал, Шпанија), Ига Швјонтен (тенис, Полска), Кејти Ледецки (пливање, САД), Микаела Шифрин (скијање, САД), Шели-Ен Фрејзер-Прајс (атлетика, Јамајка) и Сиднеј Меклафлин-Леврон (атлетика, САД).
Светски тим на годината: Машка фудбалска репрезентација на Аргентина, женска фудбалска репрезентација на Англија, машка рагби-репрезентација на Франција, Голден стејт вориорс (кошарка), машки фудбалски тим на Реал Мадрид, Ред бул рејсинг (Ф1).
Најголем пробив на годината: Карлос Алкараз (тенис, Шпанија), Елена Рибакина (тенис, Казахстан), машка фудбалска репрезентација на Мароко, Нејтан Чен (уметничко лизгање, САД), Скоти Шефлер (голф, САД) и Тоби Амусан (атлетика, Нигерија).
Враќање на годината: Анемиек ван Влеутен (велосипедизам, Холандија), Кристијан Ериксен (фудбал, Данска), Франческо Бањаја (мотоциклизам, Италија), Јакоб Ингебригсен (атлетика, Норвешка), Клеј Томпсон (кошарка, САД) и Тајгер Вудс (голф, САД). Н.М.