ШАХ – ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА ФИДЕ И „ЧЕСАБЛ“
Тренинг-камп за млади таленти во Дубаи
Шаховскиот камп на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), кој се одржува од 28 ноември до 4 декември во Дубаи, е дел од програмата на шаховската академија на ФИДЕ. Во јули годинава водечката светска шаховска платформа за е-учење, „Чесабл“, во партнерство во ФИДЕ, ја лансира шаховската академија на ФИДЕ за да ги поддржи младите таленти низ светот да успеат во шахот. На програмата присуствуваат 250 најталентирани млади играчи на возраст од 8 до 16 години од 100 федерации, кои се поделени во 10 групи и имаат по два часа обука секој викенд, на англиски, шпански и на руски јазик. Дванаесет од нив беа избрани да заминат во Дубаи и да имаат единствена можност да бидат тренирани од поранешни светски шампиони и шаховски легенди, како Индиецот Вишванатан Ананд и победникот на Светскиот куп на ФИДЕ за 2021 година, Полјакот Јан-Кшиштоф-Дуда. Учениците ќе уживаат и во посета на мечот за титулата светски првак помеѓу Магнус Карлсен и Јан Непомниајашчи. Г.И.
КОНТРОЛНИ НАТПРЕВАРИ
Ракометарките минимално поразени од Србија
Женската сениорска ракометна репрезентација на Србија славеше со 20-19 (13-11) и во вториот контролен меч со Македонија, во српскиот град Стара Пазова. За разлика од првиот меч, кога избраничките на селекторот Љубомир Савевски загубија со 25-32, овој пат Македонките дадоа многу посилен отпор, загубувајќи со еден гол разлика. Најмногу погодоци во македонските редови, а и на натпреварот воопшто, како и на првиот меч (девет), повторно постигна Моника Јаневска, овој пат седум. Србија, која се подготвува за настап на претстојното Светско првенство, од денеска до 19 декември во Шпанија, е во групата Б заедно со селекциите на Русија, Камерун и на Полска. Г.И.
ФУДБАЛ
Познат распоредот на мечевите на клупското СП
Европскиот фудбалски шампион Челси во полуфиналето на клупското Светско првенство (СП), кое ќе се одржи од 3 до 12 февруари 2022 година во Обединетите Арапски Емирати (ОАР), ќе игра со Ал Хилал (Саудиска Арабија), Ал џезира (ОАЕ) или со Окленд (Нов Зеланд), пишува „Би-би-си“. Ал џезира и Окленд ќе играат во првото коло, а победникот од тој натпревар потоа во четврт-финалето ќе се сретне со азискиот шампион Ал Хилал. Победникот на Копа либертадорес, Палмеирас (Бразил), ќе игра со Ал Ахли (Египет) или со Монтереј (Мексико) во другото полуфинале. Л.Д.