Формула 1 го продолжи
договорот со гранпри-трката во Кина до 2025 година
Формула 1 (Ф1) го продолжи договорот со кинеската гранпри-трка, со што трката во Шангај ќе се вози до 2025 година, објави Ф1 на својата интернет-страница. Формула 1 го имаше своето деби во Кина во 2004 година, кога победи Рубенс Барикело. И иако тековните глобални борби со пандемијата значат дека трката во Кина нема да биде дел од календарот со 23 трки за идната година, Формула 1 се стреми да се врати во Кина што е можно поскоро, откако претходен пат се возеше во 2019 година, кога Ф1 ја прослави својата 1.000-та трка, пишува Ф1.
Коњичкиот спорт повеќе нема да биде дел од модерниот петобој, се бара замена
Прескокнувањето пречки ќе биде исфрлено од модерниот петобој, објави Меѓународната унија за модерен петобој (МУМП), пренесе „Би-би-си“. Отстранувањето на коњичкиот дел од модерниот петобој беше направено откако извршниот одбор на МУМП ги одобри препораките од состанокот минатата недела.
Промените ќе стапат во сила по Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз во 2024 година. Меѓународната унија за модерен петобој го нарече „историски потег“ и вели дека „отворил процес на консултации за да се идентификува соодветна замена“.
Прескокнувањето пречки е дел од модерниот петобој откако спортот првпат се појави на Летните олимписки игри во 1912 година во Стокхолм (Шведска).
– Новата дисциплина ќе даде нов поттик за нашиот спорт и ќе ја зајакне позицијата на модерниот петобој во олимпиското движење. Модерниот петобој ќе остане спорт со пет дисциплини и ќе продолжи да обезбедува врвен морален и физички тест на спортистот, како што предвидуваше Кубертен. Сега со нетрпение очекуваме инклузивен и многу позитивен процес на консултации бидејќи размислуваме која спортска дисциплина е најпогодна да го однесе модерниот петобој во нова ера, заедно со пливањето, мечувањето, трчањето и стрелаштвото – рече претседателот на Меѓународната унија за модерен петобој, д-р Клаус Шорман.