ТЕНИС
Барти го пропушта ВТА-финалето, ќе се фокусира на Австралија опен

Светскиот тениски рекет број 1 во женска конкуренција, Австралијката Ешли Барти (25) ја заврши предвреме сезоната и нема да ја брани титулата во ВТА-финалето следниот месец, поради карантинските правила со кои би се соочила при враќањето во Австралија. Овој турнир последен пат се одржа во 2019 година, но Барти нема да патува во Гвадалахара, Мексико, за годинашниот настан.
– Тоа беше тешка одлука, но треба да му дадам приоритет на место закрепнување од годинашнава сезона и да се фокусирам на најсилната претсезона за австралиското лето. Со тековните предизвици за патување назад во Квинсленд и барањата за карантин, не сум подготвена да ја компромитирам мојата подготовка за јануари следната година. Мојот фокус сега е на насочен кон тоа да направам сѐ што можам за да го освојам гранслем-турнирот Австралија опен – пишува во соопштението на шампионката на гранслем-турнирот Вимблдон 2021. Г.И.


БАЗЕЛ
„Федерер експрес“ е на вистинскиот колосек

Швајцарската тениска легенда Роже Федерер во петокот инаугурира нов трамвај во Базел, наречен во негова чест, „Федерер експрес“, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП) на својата интернет-страница. Вагоните однадвор се насликани со фотографии од мечеви на Федерер, а внатре има факти за неговата кариера, па дури и седишта во стилот на клупите за играчи на терените. Трамвајот ќе биде во употреба во блиска иднина.
– Проектот беше многу важен за мене. Затоа ми е голема чест што во иднина ќе можам да го видам трамвајот на улиците во Базел – рече Федерер, а подоцна на Инстаграм напиша: „Благодарам за неверојатната чест. Се чувствувам како само вчера да бев момче што одеше да тренира секој ден со бројот осум“, напиша некогашниот број 1 на АТП-листата.
Федерер, кој неодамна беше на третата операција на коленото, не играше од гранслем-турнирот Вимблдон, но очекува враќање на терените во 2022 година, пишува АТП.


КОШАРКА – НБА-ЛИГА
Крис Пол прв со 20.000 поени и 10.000 асистенции

Крис Пол стана првиот кошаркар во НБА-лигата со вкупно 20.000 поени и 10.000 асистенции. Откако пред неколку дена по повод 75-годишнината на НБА-лигата беше прогласен за еден од најдобрите 75 кошаркари во историјата на лигата, бекот на Феникс санс, Пол, стана единствениот играч во НБА со вакви импресивни достигнувања.
Со погоденото слободно фрлање во втората четвртина во победата на натпреварот со Лос Анџелес лејкерс, Пол остана сам меѓу оние што постигнаа 20.000 поени и 10.000 асистенции во кариерата во НБА-лигата. Пол е петти на сите времиња според бројот на асистенции и е 47. играч што стигнал до 20.000 поени.
Пред Пол, колегата од тимот на 75-годишнината на НБА-лигата, Оскар Робертсон, беше најблиску да ја надмине бариерата од 20.000 поени и 10.000 асистенции, откако оствари 9.887 асистенции. Џон Стоктон, пак, уште еден меѓу најдобрите 75, исто така, се приближи со 19.711 поени. Л.Д.


ФУДБАЛ
Катар го промовира петтиот стадион за СП 2022

Катар го претстави петтиот стадион на кој ќе се играат натпреварите на Светското првенство (СП) во 2022 година со натпревар во домашниот „Емир куп“, објави агенцијата „Франс прес“ (АФП). Станува збор за стадионот „Ал Тумама“, со капацитет од 40.000 места, оддалечен 12 километри јужно од центарот на Доха. Катар веќе промовира пет од осумте стадиони на кои ќе се играат натпреварите на СП, прво на Блискиот Исток. Покрај „Ал Тумама“, тоа се стадионите „Ахмад бин Али“, „Ал Џануб“ и „Едукејшен сити“ и реновираниот „Калифа“. Преостанатите три, „Рас Абу Абуд“, „Ал Бајт“ и „Лусаил“, на кој ќе се игра финалето во декември 2022-та, наскоро треба да бидат завршени.


ФУДБАЛ
Европските лиги се против предлог-календарот на ФИФА

Европските лиги, кои ги вклучуваат, на пример, Премиер-лигата и други англиски лиги, се против предлозите на Светската фудбалска федерација (ФИФА) за промени на меѓународниот календар. Поранешниот менаџер на Арсенал, Арсен Венгер, сега шеф за глобален развој на фудбалот при ФИФА, предлага голем меѓународен турнир секој јуни, подолги, но и помалку меѓународни паузи во сезоната и задолжителен период за одмор на играчите.
Управниот директор на европските лиги, Жако Сварт, изјави дека тие предлози создаваат „сериозна промена“ во рамнотежата помеѓу клупскиот и репрезентативниот фудбал, од спортски аспект, но и од економска гледна точка. Тој целосно ја отфрли можноста за промена во зачестеноста на светските првенства (СП) или на континенталните турнири како што е европското првенство (ЕП), и истакна дека периодите за одмор треба да се одредат на домашно ниво. Сварт, исто така, рече дека треба да има „што е можно поограничени промени“ на меѓународните паузи во сезоната. Л.Д.