Сега постојат многу фудбалски натпреварувања што заработуваат многу повеќе пари од Светското првенство и тие пари се распределуваат помеѓу мал број клубови, изјави Инфантино
Инфантино: Почести мундијали, повеќе домаќини
Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, идејата за светски првенства (СП) на две години ја промовира на прес-конференција во Буенос Аирес, каде што изјави дека тоа ќе помогне за поправедна распределба на фондовите и подалеку од неколкуте суперклубови. Инфантино објасни дека планот на ФИФА предвидува глобално шоу секоја година, наизменично помеѓу првенствата за мажи и за жени.
– Сега постојат многу фудбалски натпреварувања што заработуваат многу повеќе пари од Светското првенство и тие пари се распределуваат помеѓу мал број клубови – изјави Инфантино на прес-конференција во седиштето на Аргентинската фудбалска асоцијација (АФА).
СП на две години наиде на критики од УЕФА, КОНМЕБОЛ и други. Инфантино вели дека конечната одлука ќе биде донесена „пред декември“.
– Никој не е задоволен од моментната ситуација и нешто мора да се промени. Ако зборувате за светски првенства секоја година со пет соседни земји што ќе го организираат, за дваесетина години тоа би можело да биде организирано во речиси 100 држави, што ќе биде одличен поттик за фудбалот. Во моментов, Светското првенство не се враќа на еден континент веќе 24 години, тоа е повеќе од една генерација – вели Инфантино.
Досега, единствено СП со две земји-домаќини, Јапонија и Јужна Кореја, се одржа во 2002 година, а Канада, Мексико и САД заеднички ќе го организираат СП 2026.
ФУДБАЛ – УЕФА
Англија ќе игра еден меч без публика, ФА казнета со 100.000 евра
Европската фудбалска унија (УЕФА) ја казни Англија со играње еден меч зад затворени врати, без публика, поради проблемите со публиката на финалето од Европското првенство (ЕП) годинава. Тогаш гледачи без билети се судрија со редарите и со полицајците и насилно влегоа на стадионот на финалето помеѓу Англија и Италија на 11 јули годинава. Забраната, која се однесува само за европските натпреварувања, но не и за квалификациите за Светското првенство во 2022 година, ќе биде во сила за следниот натпревар на Англија во Лигата на нациите, во јуни 2022 година. Покрај тоа што следниот натпревар ќе го игра зад затворени врати, условно на две години уште еден, за „недостигот од ред и дисциплина внатре и околу стадионот“, Фудбалската асоцијација на Англија е казнета со 100.000 евра за „инвазија на теренот, за фрлање предмети и за нарушувања за време на изведувањето на националните химни“. Л.Д.
Прва победа на Македонија
Македонската шаховска репрезентација (1.871 рејтинг-поен, рангирана на 12-то место пред почетокот на турнирот), предводена од селекторот и тренер, велемајсторот (ВМ) Трајко Недев, го победи Израел (1.664, рангиран на 19-то место) со 2,5-1,5 во второто коло на 16. Шаховска олимпијада (ШО) за слепи и слабовидни играчи, која се игра на Родос, Грција, во девет кола. Жарко Селковски (1.994 рејтинг-поени) го победи Михаел Кнафо (1.658), Зоран Костадиновски (1.928) беше подобар од Итали Дајан (1.384), Блаже Атанасовски (1.794) ремизира со Арик Калинери (1.663), а Трајче Димков (1.766) загуби од Ади Акман (1.950). Во третото коло, Македонија ќе игра со солидната Италија, која пред Шаховската олимпијада беше рангирана на осмото место (просечен рејтинг 1.967). На Шаховската олимпијада играат 22 репрезентации со вкупно 109 шахисти. Засега во водство се Русија, Полска, Србија и Индија, со по максимални две екипни победи, но првите три селекции имаат 7,5 поени по табли, а Индија пет. Македонија моментно е 13-та со два екипни бода (2,5 по табли). Г.И.