ШАХОВСКА ОЛИМПИЈАДА ЗА СЛЕПИ И СЛАБОВИДНИ

Македонија загуби од првиот фаворит Русија

Македонската шаховска репрезентација (1.871 рејтинг-поени, рангирана на 12-то место пред турнирот) загуби од Русија (2.279, рангирана на првото место), со 0-4 во 1-то коло, на 16-та Шаховска олимпијада (ШО) за слепи и слабовидни играчи, која ќе трае до 26 октомври на Родос, Грција. Се игра на четири табли, а поединечно Жарко Селковски (1.994 рејтинг-поени) загуби од ФМ Руслан Драганов (2.128), Зоран Костадиновски (1.928) од ФМ Станислав Бабарукин (2.357), Блаже Атанасовски (1.794) од ФМ Евгениј Суслов (2.226) и Трајче Димков (1.766) од Максим Ермаков (1.928).
Во 2. коло, Македонија ќе игра со Израел (1.664, рангиран на 19-то место). На ШО на Родос играат 22 репрезентации со вкупно 109 шахисти, а новиот првак ќе биде познат по деветтото коло. Претходната ваква ШО се одржа во Охрид во 2017 година, кога во конкуренција на 27 држави победи Русија со 16 бода, пред Украина и Полска со по 13, а Македонија, која беше рангирана на деветтото место пред почетокот, го освои 14-то место со девет бода.
ШО за слепи и слабовидни се игра од 1961 година, поранешниот СССР триумфирал шест пати, исто толку пати славела и Русија, двапати поранешна СФР Југославија и еднаш Полска. Г.И.


ТЕНИС

Нори прв Британец победник на турнирот во Индијан Велс

Камерон Нори (26) стана првиот Британец победник на тенискиот турнир во Индијан Велс од серијата Мастерс 1.000, со триумфот над Грузиецот Николоз Басилашвили, со 3-6, 6-4, 6-1. Нори е и првиот британски тенисер што стигнал до финале на еден од елитните турнири Мастерс 1.000, откако Енди Мареј победи во Париз во 2016 година. Пред него, Мареј, Тим Хенман и Грег Руседски играа до финалето на Индијан Велс. Нори се искачи на 16-то место на светската ранг-листа, највисок пласман за него во кариерата откако годинава ја почна на 74-то место и во која стигна до шест финалиња и победи на 47 меча. Тој играше финалиња на тврди, земјени и на тревни терени.
Победата на Нори доаѓа само еден месец по неверојатниот триумф на неговата сонародничка Ема Радукану на САД опен во Њујорк. Нори им ја посвети победата на своите родители. Тој е роден во Јужна Африка, од татко Шкотланѓанец и мајка од Велс, израснал во Нов Зеланд, пред да почне да игра тенис на колеџ во САД. Л.Д.