ФУДБАЛ
Меси е на еден меч до Чави

Лионел Меси на европското деби во дресот на ПСЖ не успеа да ги инспирира своите соиграчи и да триумфира на гости над Бриж (1-1) во 1-то коло на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ). Првиот меч на Меси за ПСЖ беше негов 150-ти во Лига на шампионите, со што стана четвртиот играч што ја достигнал таа бројка, по Икер Касилјас, Кристијано Роналдо (двајцата по 177) и Чави (151).
– Никој во тимот не може да биде задоволен од својата игра и никој не може да биде среќен со овој резултат. Дојдовме да ги освоиме трите бода, но секоја почит за Бриж. Тие се бореа повеќе од нас и го заслужија бодот – изјави тренерот на ПСЖ, Маурицио Почетино. Л.Д.

Рекорд на Билингам

Младиот англиски фудбалски репрезентативец Џуд Билингам постигна еден гол за Борусија Дортмунд, во победата на мечот со Бешикташ (2-1), и на возраст од 18 години и 78 дена стана најмладиот стрелец на два натпревари по ред во Лигата на шампионите. Со тоа тој го надмина Французинот Килијан Мбапе, кој го оствари тоа на возраст од 18 години и 85 дена, во март 2017 година. Л.Д.

Шест гола, шест различни стрелци за Манчестер сити

Европскиот вицешампион Манчестер сити забележа висока победа над Лајпциг, (6-3), а головите ги постигнаа шестмина различни фудбалери во првиот меч на новата сезона на Лигата на шампионите. Ова беше натпревар со најмногу голови за Манчестер сити во ЛШ, надминувајќи ги осумте гола во победата над Монако, 5-3, во февруари 2017-та. Џек Грилиш е првиот англиски фудбалер, по Вејн Руни во септември 2004-та, што постигнува гол и асистира на деби меч во ЛШ. Л.Д.

Шериф со победа дебитира во ЛШ

Молдавскиот Шериф од Тираспол забележа победа над Шахтар (2-0) во првиот натпревар во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ). Шериф сезонава не прими гол на седум од деветте натпревари во ЛШ, вклучувајќи ги и квалификациите. Шериф е првиот тим, по англискиот Лестер во 2016 година, што забележал победа на првиот натпревар во елитната европска фудбалска конкуренција. Л.Д.