ПСЖ има можност да освои вкупно четири трофеи сезонава
Францускиот фудбалски шампион Пари Сен Жермен има шанса да освои три домашни трофеи сезонава. Како што соопшти Фудбалската федерација на Франција, во јули ќе се играат финалињата на Купот на Франција и на Лига-купот. Така, финалето на Купот на Франција треба да се одржи на 24 јули, а на Лига-купот на 31 јули. Како единствена лига од најдобрите пет во Европа, Лига 1 го прекина домашното првенство и го прогласи Пари Сен Жермен за шампион. Сега, четврти пат во историјата на клубот, ПСЖ може да обезбеди тројна круна од домашните натпреварувања, но тимот од Париз ќе игра и во четврт-финалето на Лигата на шампионите, на турнирот во Лисабон предвиден да се игра од 12 август. Во финалето на Купот на Франција, ПСЖ се среќава со Сент Етјен, а една недела подоцна со Лион за трофејот во Лига-купот.
Од септември фудбал во Холандија со малку гледачи, без скандирање и пеење
Холандскиот професионален фудбал од септември ќе може да се игра пред лимитиран број гледачи и со ограничувања. Премиерот Марк Руте изјави дека на трибините ќе мора да има безбедно растојание од еден и пол метар помеѓу гледачите, но нема да може да се создаде класична атмосфера, откако холандската влада забрани скандирање и пеење, за и така да се спречи ширењето на коронавирусот. Сезонава во Холандија не се доигра, поради пандемијата и не беше прогласен првак, ниту имаше испаѓање и влегување во лигата
Голем број тестови пред почетокот на трките во Формула 1
Организаторите на првите две трки од годинашното Светско првенство во Формула 1, кои ќе се одржат в недела и на 12 јули во Шпилберг, во Австрија, веќе направиле повеќе од 600 тестирања и немало позитивни на коронавирус, објави новинската агенција АПА. Изминатите две седмици, Австријците интензивно и редовно го тестираат хотелскиот персонал за да обезбедат безбедна средина за учесниците во првите две трки од новата сезона. Во тој правец до почетокот на трките Австријците предвиделе да направат од 10.000 до 12.000 тестирања.
Една недела по овие две трки на програмата е унгарското гран при, а на 2 август ќе се одржи трката за големата награда на Велика Британија. Британците ќе одржат и второ гран при седум дена подоцна, по што, според сегашниот календар, се предвидени уште три трки, и тоа во Шпанија на 16 август, во Белгија на 30 август и во Италија на 6 септември. Сите трки ќе се одржат без присуство на публика на трибините, со специјални медицински протоколи за да се спречат зараза и ширење на коронавирусот. Та.Д.
Робен се враќа од пензија и по 18 години ќе игра за Гронинген?
Гронинген, првиот професионален клуб на Холанѓанецот Арјен Робен, сподели фотографии и видеопорака во која холандскиот светски фудбалски вицешампион од 2010 година и европски првак со Баерн од 2013 година го објави враќањето на теренот. Сега 36-годишниот играч тренира неколку недели за да биде дел од составот на Гронинген на почетокот на сезоната 2020/2021. Робен ја заврши одличната кариера во Минхен минатото лето, играјќи за Баерн вкупно десет години и освојувајќи ја ЛШ и осум германски првенства.
– На клубот може да му треба сета помош што може да ја добие поради кризата со коронавирусот – се цитира Робен на веб-страницата на Гронинген.
Гронинген најави прес-конференција, на која Робен ќе објасни подетално. Робен играше за Гронинген од 2000 до 2002 година, а потоа настапуваше за ПСВ, Челси, Реал Мадрид и за Баерн.
Левандовски петти пат прв стрелец на Бундес-лигата
Центарфорот на Баерн, Роберт Левандовски, петти пат е најдобар стрелец на германската фудбалска Бундес-лига. Сезонава тој ја заокружи со гол во 34-то коло за победа на Баерн со 4-0 и тоа беше негов 34-ти сезонава (личен рекорд). Полјакот Левандовски првпат беше најдобар стрелец на Бундес-лигата во 2014 година, тогаш како фудбалер на Борусија Дортмунд, а потоа беше прв и во 2016, 2018, 2019 и во 2020 година, како член на Баерн. Седум пати најдобар стрелец во Германија бил Герд Милер (Баерн), и тоа во 1967, 1969, 1970, 1972, 1973, 1974 и во 1978 година.