РАКОМЕТ
Кадетките ќе играат и на СП 2022

Европската ракометна федерација (ЕХФ) ги потврди имињата на 15-те европски селекции што ќе бидат дел од Светското првенство (СП) за кадети 2022 година за ракометарки до 17 години, кое ќе се игра во Грузија.
Со освојувањето на првото место на ЕХФ-шампионатот од дивизијата Б, македонските кадетки се стекнаа со тројна добивка, односно покрај пласманот на европските првенства (ЕП) за кадетки и младинки во 2023 година, тие добија место и на кадетскиот Мундијал идната година.
Покрај Македонија, на СП се пласираа 13-те најдобри селекции од ЕП што деновиве се играше во Црна Гора (Унгарија, Германија, Русија, Данска, Хрватска, Норвешка, Романија, Црна Гора, Швајцарија, Португалија, Франција, Шведска и Чешка), а место доби и Холандија, која го освои ЕХФ-шампионатот од дивизијата Б, што се играше во Грузија.
Со директниот пласман на домаќинот Грузија, вкупно 16 европски репрезентации ќе бидат дел од женскиот кадетски Мундијал, кој ќе се игра од 3 до 14 август следната година. За Македонија ова ќе биде втор настап на СП за кадетки, првиот беше во 2014, кога Македонија како домаќин го освои 17-то место. Та.Д.


Проблем за евентуален трансфер е тоа што Баерн го проценува на над 100 милиони евра

Левандовски сака нов предизвик во нов клуб!

Роберт Левандовски, кој утре полни 33 години, не е назадоволен во Баерн, но сака нов предизвик во нов клуб, според пишувањето на „Скај спорт“, пред да наполни 35 години. Но голем проблем за евентуален трансфер е тоа што германскиот шампион, со коj има договор во 2023 година, го проценува над 100 милиони евра. Баерн во моментов не му нуди продолжување на договорот и сака да го задржи уште две години. Тогаш, пак, потешко би нашол друг голем клуб поради неговата возраст.
Левандовски важи за еден од најдобрите напаѓачи во светскиот фудбал, а минатата сезона постигна 56 гола за клубот и земјата. На првите два натпревара за Баерн сезонава, вклучувајќи ја и победата во Суперкупот над Борусија Дортмунд (3-1), тој веќе постигна три гола. Левандовски е на широко познат во светот на фудбалот поради посветеноста на физичката кондиција, а менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, еднаш го опиша како најпрофесионалниот играч што го сретнал. Л.Д.


ТЕНИС
Тием нема да ја брани титулата на САД опен

Шестиот светски тенисер, Австриецот Доминик Тием (27), го откажа настапот на последниот гранслем-турнир сезонава, САД опен, кој треба да започне на 30 август во Њујорк и на кој требаше да ја брани титулата освоена минатата година.
Освен што го откажа настапот во Њујорк, Тием објави дека поради повреда на зглобот на раката нема да настапува до крајот на годинава. Тием го повреди зглобот уште во јуни за време на турнирот во Мајорка, кој требаше да му послужи како подготовка за Вимблдон.
– Жал ми е што морав да донесам ваква тешка одлука. Минатата недела состојбата ми се влоши само по едно форхенд-замавнување, иако ги следев сите препораки на лекарот во изминатиот период во однос на рехабилитацијата, терапиите и сѐ друго – изјави австрискиот тенисер. Та.Д.