МОТОСПОРТ
Валентино Роси нема повеќе да вози

Легендата на мотоспортот, деветкратниот светски првак, Италијанецот Валентино Роси (42) најави повлекување по завршувањето на годинашната сезона во Мото ГП. Ваквата вест следува по потврдата дека тој ќе ги „концентрира своите напори“ на новиот тим од Мото ГП, Скај рејсинг ВР46, во 2022 година.
– Ова е многу тажен момент за мене. Тешко е да се каже и да се знае дека следната година нема да се тркам. Беше одлично, уживав многу, тоа беше долго, долго патување и беше навистина забавно. Минав 25-26 години возејќи на натпревари за СП. Следната година мојот живот ќе се промени – изјави Роси.
Роси, познат и по прекарот Доктор, е единствениот возач во историјата на мотоспортот што бил светски првак до 125, 250 и до 500 кубици, како и во Мото ГП. Тој е единствениот возач што започнал над 400 трки (423) во историјата на мотоспортот, забележувајќи 115 победи, од кои 89 во класата Мото ГП. На победничкиот подиум се искачил 235 пати од дебито во 1996 година, токму на трката во Австрија.
Последната од деветте шампионски титули Роси ја освои во 2009 година, а во следната деценија трипати беше вицешампион, (2014 и 2016) зад Марк Маркез и (2015) зад Хорхе Лоренцо. Л.Д.


РАКОМЕТ
Еурофарм Пелистер го освои домашниот Суперкуп

Во првиот официјален меч сезонава, ракометарите на Еурофарм Пелистер ја прекинаа доминацијата на македонскиот првак Вардар во Суперкупот на Македонија, убедливо победувајќи го со 31-22. За пелистерци ова е прва титула во домашните натпреварувања по 16 години, односно по двојната круна во 2005 година. Со освојувањето на трофејот во Суперкупот, Еурофарм Пелистер ја комплетира својата колекција национални трофеи.
Во своите клупски витрини битолчани имаат шест титули од Македонската републичка лига (1968, 1969, 1970, 1971, 1979, 1981), шест од македонската Суперлига (1992/1993, 1993/1994, 1995/1996, 1997/1998, 1999/2000, 2004/2005), пет од Купот на Македонија (1994, 1996, 1998, 1999, 2005) и една од Суперкупот на Македонија (2021). Та.Д


Проверки на навивачите за ковид-19 по случаен избор

На навивачите што ќе присуствуваат на натпреварите во Премиер-лигата ќе им се прави проверка по случаен избор на нивниот статус поврзан со ковид-19, на некои стадиони во првите недели од новата сезона. Тие што имаат билети ќе треба да поседуваат и доказ за целосна вакцинација или негативен тест направен најдоцна 48 часа пред натпреварот, се вели во соопштението на англиската Премиер-лига, пренесува „Ројтерс“. Л.Д.

Двојки, прво коло

Денеска
Брентфорд – Арсенал

Сабота
Манчестер Ј. – Лидс
Барнли – Брајтон
Челси – Кристал палас
Евертон – Саутемптон
Лестер – Вулверхемптон
Ватфорд – Астон вила
Норич – Ливерпул

Недела
Њукасл – Вест хем
Тотенхем – Манчестер С.