ЛОИ, ФУДБАЛ
Бразил е на две победи до одбрана на титулата

Бразилските фудбалери ги делат уште две победи до одбраната на олимпиското злато од Рио во 2016 година, откако во четврт-финалето ја победија репрезентацијата на Египет со 1-0. Противник на Бразил во денешното полуфинале ќе му биде Мексико, кој ја совлада Јужна Кореја со 6-3. Во второто полуфинале денеска ќе се сретнат Јапонија, која го победи Нов Зеланд на пенали со 4-2, и Шпанија, која беше на работ на елиминација, но го совлада Брегот на Слоновата Коска со 5-2, по продолжението. Меѓу најдобрите четири селекции на турнирот се три поранешни шампиони. Јапонија има шанса за пласман во прво олимписко финале и освојување на првиот медал во машка конкуренција, по бронзата на Игрите во Мексико во 1968 година.


Џејкобс го наследи Болт на 100 метри

Италијанецот Џејкобс ја прекина 13-годишната доминација на Болт од Јамајка, кој победуваше на три ЛОИ по ред
Италијанецот Ламонт Марсел Џејкобс го освои златото на 100 метри на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, со што ја прекина 13-годишната доминација на пензионираната атлетска ѕвезда од Јамајка, Усеин Болт. Времето на Џејкобс (26) од 9,80 секунди, кој до пред три години се натпреваруваше во дисциплината скок во далечина, беше и нов европски рекорд. Џејкобс првпат трчаше 100 метри побрзо од 10 секунди во мај годинава.
– Не знам, ова е сон, сон, фантастично, неверојатно е. Ќе ми треба околу една недела и повеќе за да разберам што се случило. Гледајќи како Џанмарко Тамбери го освојува златото во скок во височина, ми беше дополнителна мотивација. Освоив олимписко злато по Усеин Болт – изјави Џејкобс, кого на целната рамнина го пречека токму Тамбери заеднички да ги прослават титулите.
Игрите во Токио се први по Атина во 2004 година на кои не се натпреварува Болт, кој освои три последователни олимписки титули на 100 метри, во Пекинг во 2008 година, во Лондон во 2012-та и во Рио де Жанеиро во 2016 година, како и три злата на 200 метри. Првпат по Игрите во Сиднеј во 2000 година, немаше атлетичар од Јамајка во финалето на 100 метри. Л.Д.


ФУДБАЛ
Шевченко не е повеќе селектор на Украина

Андриј Шевченко се повлече од функцијата селектор на фудбалската репрезентација на Украина откако му заврши договорот. Поранешниот напаѓач на Милан и на Челси ја презеде селекторската функција во 2016 година и ја предводеше Украина до четврт-финалето на Европското првенство (ЕП) 2020, каде што беше елиминирана од Англија. Украина беше со Македонија во истата група на ЕП 2020.
„Мојот договор со Украинскиот фудбалски сојуз заврши. Поминав пет години со националниот тим. Тоа беше напорна работа што покажа дека сме способни да играме модерен фудбал. Благодарен сум на претседателот и на извршниот одбор на Федерацијата за можноста да работам со украинскиот национален тим. Благодарен сум на секој играч, секој што помогна и беше вклучен во тимот. Голема благодарност и до сите навивачи за поддршката и за критиките. Заедно успеавме да покажеме дека нашиот фудбал може да биде конкурентен, продуктивен и возбудлив“, напиша Шевченко на својот инстаграм-профил. Л.Д.