ТЕНИС

Нова победа на Ѓорческа

Лина Ѓорческа забележа нова победа во конкуренција на двојки, на новиот турнир во Грузија, овој пат заедно со Деа Херџелаш од БиХ. Тие во првото коло на турнирот што се игра на земјена подлога во Телави (вкупен награден фонд 25.000 долари) победија во дуелот со Грузијките Тамари Гагошидзе и Нино Натсвлишвили со 6-1, 6-4.
Ѓорческа минатата недела го освои трофејот на турнирот во двојки (заедно со Валерија Стракхова од Украина) во истиот град и ова е нејзина петта победа во низа.
На турнирот во поединечна конкуренција во Телави, македонската тенисерка, која е шеста носителка, беше слободна во првото коло, а во второто коло, во осминафиналето, треба да настапи денеска, на дуелот со Ева Лис од Германија.


Кале Рованпера најмлад победник на рели-трка

Финецот Кале Рованпера (20) стана најмладиот победник на трка во рамките на Светското првенство (СП) во рели со победата на релито во Естонија. Кале Рованпера, чиј татко Хари, исто така, се натпреваруваше и победуваше на рели-трките, беше побрз од Ирецот, Крег Брин од Хјундаи за 59,9 секунди.
Лидерот во шампионатот, Французинот Себастијан Ожие, беше четврти и ја зголеми предноста во генералниот пласман, пред тимскиот колега, Велшанецот Елфин Еванс, на 37 поени по седум трки годинава. Претходно најмлад победник на реки-трка за СП беше сегашниот шеф на тимот на Рованпера и сонародник, Јари-Мати Латвала, кој имаше 22 години кога победи во Шведска во 2008 година.