ТЕНИС
Ѓоковиќ ќе настапи во Токио
Светскиот тениски рекет број еден, Новак Ѓоковиќ, потврди дека ќе се натпреварува на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, во обидот да го освои т.н. златен гранслем, пишува „Ројтерс“. Минатиот викенд Ѓоковиќ победи и на третиот гранслем-турнир годинава, на Вимблдон.
Претходно тој триумфира и на Австралија опен во Мелбурн и на Ролан Гарос во Париз, а доколку победи во Токио, потоа и на четвртиот гранслем-турнир САД опен во Њујорк, ќе оствари редок успех во тенисот, со освоени четири гранслем-титули и олимписко злато во иста година. Досега само Германката Штефи Граф забележа таков подвиг во 1988 година.
– Горд сум што се пакувам за Токио за да ѝ се приклучам на нашата репрезентација во борбата за најсветлите медали во олимписките арени. За мене, играњето за Србија отсекогаш претставуваше посебна радост и мотивација и ќе дадам сѐ од себе да нѐ направам сите среќни. Одиме – објави на Твитер Ѓоковиќ, кој освои бронзен медал на Игрите во Пекинг во 2008 година.
ФУДБАЛ
Робен, легендата на Холандија, се повлече, вторпат
Арјен Робен (37) се повлече од фудбалот, вторпат. Поранешниот репрезентативец на Холандија првично се пензионира во 2019 година, а потоа се премисли и минатата сезона заигра за неговиот прв клуб, Гронинген. Повредите и пандемијата на ковид-19 беа причината за Робен дефинитивно да престане со активното играње фудбал. Робен освои две титули со Челси во Премиер-лигата, во 2005 и во 2006 година, два Лига-купа и еден ФА-куп.
Освен во Челси, тој играше и за ПСВ Ајндховен, за Реал Мадрид, со кој освои две титули во Ла лига, и за Баерн, со кој во 2013 година стана европски првак. За Холандија одигра 96 меча и постигна 37 гола.
– Одлучив да ја завршам активната фудбалска кариера, и тоа беше многу тежок избор. Сакам да им се заблагодарам на сите за поддршката што го грее моето срцето – напиша Робен на Твитер.
Робен играше и во финалето на СП 2010, во кое Холанѓаните загубија од Шпанија. Робен се откажа од меѓународниот фудбал во 2017 година, кога репрезентацијата на Холандија не успеа да се квалификува за СП 2018.