Германија во првото коло ќе прослави „златен јубилеј“

Репрезентацијата на Германија е пред јубилеј на Европското првенство (ЕП) годинава, оти со првата средба ќе го одигра рекордниот 50-ти натпревар на континенталните шампионати, според статистиката на Европската фудбалска унија (УЕФА).
Трикратниот европски првак е рекордер според бројот на натпревари на европските првенства, но и според бројот на забележани победи (26), постигнати голови (72), потоа според гол-разликата (плус 24), освоените бодови (64)… На листата на УЕФА со настапи на континенталните шампионати зад Германија следува репрезентацијата на Шпанија со 40 меча, а потоа се Франција со 39, Италија со 38 итн.
Досега на 15-те европски првенства од 1960 до 2016 година настапиле вкупно 35 репрезентации. На годинашното Европско првенство првите мечеви на континенталниот турнир ќе ги одиграат репрезентациите на Македонија и на Финска.


Кои се најдобрите дебитанти досега на ЕП?

Репрезентациите на Македонија и на Финска ќе дебитираат на европските првенства (ЕП), а Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница потсетува на најдобрите дебитантски настапи на репрезентациите на континенталните првенства.
Четири селекции ја освоија титулата во нивниот прв настап на ЕП, и тоа во 1960 година СССР, во 1964-та Шпанија, во 1968 година Италија и во 1972 година Западна Германија.
Настап во финале на дебито на европските првенства имаше репрезентацијата на СФРЈ во 1960 година, а до полуфиналето стигнаа селекциите на Чехословачка (ЕП 1960, освоено трето место), Франција (1960, четврто), Унгарија (1964, трето), Данска (1964, четврто), Англија (1968, трето), Белгија (1972, трето), Холандија (1976, трето), Португалија (1984), Шведска (1992) и на Велс (2016). Од 1984 година на европските првенства не се играат натпревари за трето место.


Конкуренти на Шпанија и на Португалија, меѓу другите, ќе им бидат Велика Британија и Република Ирска, и заеднички Аргентина, Уругвај, Парагвај и Чиле, за СП на 100-годишнината од првиот Мундијал, одигран во Уругвај

Шпанија и Португалија сакаат да бидат домаќини на јубилејното СП 2030

Шпанија и Португалија заеднички ќе се кандидираат за организација на Светското првенство (СП) во 2030 година во фудбал. Двете земји го најавија тоа со симболична церемонија пред контролниот натпревар пред Европското првенство, на стадионот „Метрополитано“ во Мадрид.
Фудбалерите носеа маички со натпис „Вамос 2030“, пред мечот што ја одбележи 100-годишнината од првиот репрезентативен меч на Португалија, исто така, против Шпанија. На натпреварот присуствуваа шпанскиот крал Фелипе Шести и претседателот на Португалија, Марсело Ребело де Соуса. Премиерите на двете земји потпиша договор за поддршка на кандидатурата.
Фернандо Гомеш, претседателот на Фудбалската федерација на Португалија, и неговиот шпански колега Луис Рубиалес го ратификуваа договорот потпишан во октомври минатата година.
– Пораката до другите национални федерации е дека ако ни ја дадете вашата доверба, кога ќе дојдете во нашите земји, ќе доживеете незаборавно искуство – изјави Рубиалес.
Светската фудбалска федерација (ФИФА) во 2024 година ќе го избере домаќинот на СП 2030. Конкуренти на Шпанија и на Португалија, меѓу другите, ќе им бидат заеднички Велика Британија и Република Ирска и, исто така, заеднички Аргентина, Уругвај, Парагвај и Чиле, по повод 100-годишнината од првото СП, што се играше во Уругвај, во 1930 година.
Следното СП во 2022 година ќе се одржи во Катар, а Канада, Мексико и САД ќе бидат заеднички домаќини на Мундијалот во 2026 година. Л.Д.


ОДБОЈКА – СРЕБРЕНА ЛИГА
Македонија и Данска играа за првата титула

Македонија и Данска играа во синоќешното финале во Европската сребрена лига во одбојка во Струмица. Во првото полуфинале, Македонија ја совлада Хрватска со 3-2 (15-25, 25-19, 25-22, 21-25, 15-12), а во второто Данска беше подобра од Унгарија со 3-1 (24-26, 25-17, 25-21, 29-27). Македонија и Данска го играат третиот меѓусебен меч за две недели, по двата во групната фаза. Во првиот меч во Струмица, Данска забележа убедлива победа со максимални 3-0, но во вториот дуел, во Шлагелсе, Македонија се реваншира со идентични 3-0. За Македонија синоќешното финале беше четврто во оваа конкуренција, прво откако ова натпреварување се нарекува Сребрена лига и шанса за освојување на првата титула. Претходно Македонија ги загуби финалињата во 2015, 2016 и во 2017 година. Данците го играа првото финале во Сребрената лига. Л.Д.


КОШАРКА – НБА, ПЛЕЈОФ
Бруклин победува и без Харден

Кошаркарите на Бруклин го совладаа Милвоки со 115-107, во првиот меч од полуфиналето на Источната конференција во плејофот на НБА-лигата. Милвоки и без својот најдобар играч Џејмс Харден, кој по само 40 секунди мораше да го напушти паркетот (повреда на десното стапало), стигна до посакуваната победа. Сепак, и тоа не беше доволно за гостите од Висконсин сериозно да им се заканат на домаќините.
Бруклин уште од самиот почеток на мечот ја контролираше играта, предводен од Кевин Дурант, кој натпреварот го заврши со 29 поени и 10 скока, Кајри Ирвинг имаше 23 поени, а и Блејк Грифин оствари т.н. дабл-дабл ефект (двоцифрен ефект во две статистички категории) со 18 поени и 14 скока. Кај Милвоки, најдобар беше Јанис Адетокумпо со 34 поени и 11 скока, а Брук Лопез уфрли 19 коша. Г.И.