Бројките на Милер, Бензема, Облак, Рамос…
Германецот Томас Милер го одигра 350-от меч во германската фудбалска Бундес-лига за Баерн, во победата над Фрајбург. Тој е осмиот фудбалер на Баерн што ја достигна ова бројка, а тој, исто така, има неверојатен победнички процент, откако ја вкуси победата во 255 од тие натпревари.
Французинот Карим Бензема постигна два гола во победата со 3-0 на Реал Мадрид над Валенсија, а вториот е неговиот 243-ти гол за мадридскиот тим, при што го престигна унгарскиот репрезентативец Ференц Пушкаш (242) на листата на стрелците на сите времиња. Бензема сега се наоѓа на петтото место.
Јан Облак од Словенија е првиот странски голман што има 100 меча без да прими гол во најсилната шпанска фудбалска лига. Голманот на Атлетико Мадрид го оствари тоа во победата со 5-0 на својот тим над Осасуна, а потоа продолжи во саботата во победата со 1-0 против Валјадолид и сега има 101 меч.
Серхио Рамос можеби е дефанзивец, но постигнувањето голови не е само споредна работа за Шпанецот. Во победата со 2-1 над Сосиедад тој ги постигна двата гола и сега има 68 во Ла лига, со што Рамос е најефикасен дефанзивец во историјата на лигата.
Реал води поради подобриот меѓусебен дуел
Реал Мадрид со победата на гости кај Сосиедад со 2-1 изби на првото место во шпанската фудбалска Ла лига. По 30 кола, Реал и Барселона имаат по 65 бода, но во случај на ист број бодови на крајот од сезоната Реал Мадрид ќе има предност поради подобриот меѓусебен скор сезонава (победа со 2-0 дома и реми 0-0 на гости). До крајот на сезонава Реал треба да игра дома со Мајорка, Гетафе, Алавес и со Вилјареал, а на гости со Еспањол, Атлетик Б., Гранада и со Леганес. Барселона, пак, треба да игра на свој терен со Атлетик Б., Атлетико М., Еспањол и со Осасуна, а да гостува кај Селта, Вилјареал, Валјадолид и кај Алавес.
Гвардиола: Манчестер сити ќе игра за титулата и следната сезона
Менаџерот Пеп Гвардиола рече дека Манчестер сити „има идеи“ за подобрување на тимот на трансфер-пазарот и дека е подготвен да го сопре Ливерпул во обидот да ја освои титулата во англиската фудбалска Премиер-лига во следната сезона, објави „Ројтерс“. На Ливерпул сезонава му требаат уште пет бода за да биде сигурен во својата прва круна на англиската лига по три децении. Манчестер сити ги освои титулите во претходните две сезони.
– Ливерпул ќе остане силен, каков што е, но кога ја одбранивме титулата бевме први што го направивме тоа во претходните 10 години, па знаете колку е тешко да се стори тоа. Од претходните девет домашни трофеи за кои игравме, освоивме осум. Имаме идеи за трансфери, и следната сезона ќе се подготвиме повторно да играме за титулата – беше цитиран Гвардиола од „Би-би-си“.
Олимпискиот ден ќе се одбележи со планетарен 24-часовен интернет-тренинг
Во организација на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), денеска треба да се одржи годишното глобално славење на спортот и на олимписките вредности, Олимписки ден. Поради пандемијата на коронавирусот, прослава годинава ќе се состои од 24-часовен интернет-тренинг со учество на голем број олимпијци и други спортисти низ светот, кои ќе работат онлајн-вежби, почнувајќи од 11 часот по локално време и ќе бидат пренесувани во живо низ 20 временски зони на олимпискиот инстаграм-профил.
– Годинашното одбележувањето е различно од претходните години, но во исто време тоа е нашата порака за моќта на спортот што инспирира надеж и оптимизам. Да се обединиме за да ја искористиме оваа моќ на спортот и да се подготвиме за одложените Летни олимписки игри (ЛОИ), како момент на солидарност и отпорност на човештвото. Сега сите сме во иста ситуација, со светската криза, предизвикана од коронавирусот. Во овие тешки времиња, ни требаат вредностите на спортот, нашите заеднички олимписки вредности, извонредност, пријателство, почит и солидарност, повеќе од кога било досега – рече претседателот на ИОК, Томас Бах.
Откако поради пандемијата се одложени ЛОИ за в година, околу 5.000 олимпијци собрале неверојатни 243 милиони луѓе од повеќе од 50 земји во кампањата „Остани силен, остани активен, остани здрав“ на која секојдневно споделувале вежби и совети за здрав спортски живот во изолација. Та.Д.