Фото: Маја Јаневска-Илиева

Викендов 52. издание на традиционалниот ИКАС

Меѓународниот Илинденски кајак-слалом, ИКАС 2021, ќе се одржи викендов на реката Треска во СРЦ „Матка“. Пријавени се натпреварувачи од Македонија, Србија, БиХ, Грција, Хрватска и од Турција.
– Имајќи ги предвид моментната состојбата со ковид-19 на светско ниво и различните мерки за справување со пандемијата, годинава пристигнаа 30-35 пријави на натпреварувачи, од кои некои беа финалисти на 51-то издание во 2019 година. На самата патека ќе се почитува протоколот за спроведување на превентивните мерки за заштита од ковид-19 – информираат од Кајакарската федерација на Македонија (КФМ), во пресрет на оваа спортска манифестација со голема традиција, првпат одржана во 1969 година.
Денеска, од 11 до 14 часот, се квалификациските трки во сите категории, утре во истиот термин се полуфиналните и финалните натпревари, а доделувањето на медалите е од 14 часот. Претходниот ИКАС се одржа во 2019 година, а лани беше откажан поради пандемијата на коронавирусот. Ангелче Петрушевски, член на ККК Вардар од Велес, беше победник и наедно најмладиот првак во историјата на ова натпреварување. Г.И.


ФУДБАЛ – ВО ПРЕСРЕТ НА ЕП 2020
Од групата Ц, Украина ќе има најмногу тест-средби

Фудбалската репрезентација на Украина треба да одигра најмногу пријателски натпревари пред настапот на Европското првенство од селекциите од групата Ц, во која се и Македонија, Австрија и Холандија. Според информациите на интернет-страницата на Европската фудбалска унија (УЕФА), Украина има закажано тест-меч со Бахреин за утре, потоа на 3 јуни со Северна Ирска и на 7 јуни со Кипар, сите дома.
Другите репрезентации од групата Ц имаат по две пријателски средби до почетокот на ЕП, и тоа Македонија со Словенија на 1 јуни и со Казахстан на 4 јуни, двете во Скопје, потоа Австрија на гости кај Англија на 2 јуни и дома со Словачка на 6 јуни, а Холандија дома со Шкотска на 2 јуни и со Грузија на 6 јуни.
Во првото коло на ЕП во групата Ц, на 13 јуни, ќе играат Македонија – Австрија и Холандија – Украина, двојките за второто коло се Македонија – Украина и Холандија – Австрија на 17 јуни, а во третото коло се среќаваат Македонија – Холандија и Австрија – Украина.


КОШАРКА – НБА
И Вашингтон обезбеди место во плејофот

Кошаркарите на Вашингтон на домашен терен ја совладаа екипата на Индијана, со 142-115, и се пласираа во плејофот на Источната конференција од НБА-лигата. Вашингтон во првото коло ќе игра со првиот тим од Истокот, а тоа е Филаделфија. Од друга страна, пак, Индијана по шести пат во низа не успеа да се пласира во завршницата на ова натпреварување.
Вашингтон до успехот го предводеа Бредли Бил, со 25 поени, пет скока и четири асистенции, и Расел Вестбрук, кој беше блиску до уште еден т.н. трипл-дабл (двоцифрен ефект во три статистички категории), постигна 18 поени, 15 асистенции и осум скока. Најефикасен во поразениот состав беше Малком Брогдон, со 24 поени, а Домантас Сабонис оствари трипл-дабл, реализирајќи 19 поени, 11 скока и 10 асистенции.
Двојки за 1. коло: Филаделфија – Вашингтон, Њујорк – Атланта, Милвоки – Мајами, Бруклин – Бостон, ЛА клиперс – Далас, Денвер – Портланд, Феникс – ЛА лејкерс, а Јута ќе игра со победникот од синоќешниот квалификациски меч Голден стејт – Мемфис. Г.И.