КОШАРКА – НБА

Бостон во плејофот, Вашингтон и Индијана ќе играат за уште едно место

Кошаркарите на Бостон се пласираа во плејофот во НБА-лигата од Источната конференција, откако во квалификациски меч го совладаа Вашингтон со 118-110, предводени од фантастичниот Џејсон Тејтум, кој уфрли 50 поени (32 во вториот дел), а придодаде осум скока и четири асистенции.
Бостон сега во плејофот на Источната конференција во првото коло ќе игра со Бруклин. Вашингтон, пак, и покрај поразот, ќе има уште една можност да се најде во плејофот и ќе игра против Индијана, која беше поуспешна од Шарлот со 144-117.
Тој меч за пласман во плејофот од Источната конференција се игра во Вашингтон в петок наутро. Победникот во првото коло на плејофот ќе игра со првиот носител во Источната конференција, Филаделфија. Г.И.


ТЕНИС

Вимблдон е „сигурен“ дека ќе има повеќе од 25 отсто гледачи

Организаторите на тенискиот гранслем-турнир Вимблдон велат дека се „уверени“ дека ќе имаат дозвола за пополнетост за повеќе од 25 отсто од капацитетот на трибините за време на турнирот што треба да почне во јуни, пишува „Би-би-си“. По голем број тест-настани во Велика Британија со гледачи, организаторите рекоа дека добиле „рани позитивни индикации“ за зголемување на бројот на билетите.
Надежите се дека сите ограничувања во Велика Британија за социјален контакт ќе бидат отстранети од 21 јуни, пишува „Би-би-си“. Вимблдон може да пречека дневно вкупно 42.000 гледачи во нормални услови. Во 2019 година, кога последен пат се одржа турнирот, вкупно присуствуваа 500.397 гледачи. Шампионатите беа откажани минатата година, првпат по Втората светска војна, поради пандемијата на коронавирусот.
Организаторите оставија некои одлуки за годинашниот настан, вклучувајќи ги билетите и паричните награди, за што е можно подоцна поради постојаната неизвесност за ублажување на ограничувањата.
– Уверени сме дека ќе можеме да го зголемиме бројот на билети за шампионатите годинава над минималната позиција од 25 што што ја испланиравме минатиот месец – рекоа организаторите.