Без гледачи од странство на ЛОИ и на ПОИ во Токио

На гледачите од странство нема да им биде дозволено да присуствуваат на одложените Летни олимписки (ЛОИ) и Параолимписки игри (ПОИ) во Токио. Ова беше објавено по состанокот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), Меѓународниот параолимписки комитет (ИПК), Организацискиот комитет на Игрите, градските власти на Токио и Владата на Јапонијa, ја пренесе британски „Гардијан“ веста на ИОК. Одлуката се должи на континуираната несигурност во услови на пандемијата на ковид-19. ЛОИ, кои требаше да се одржат лани, треба да почнат на 23 јули и да завршат на 8 август. ПОИ, пак, треба да се одржат од 24 август до 5 септември. Парите за билетите купени преку официјални канали ќе им бидат вратени на сопствениците. Г.И.


ФУДБАЛ – СЕРИЈА ПОБЕДИ НА МАНЧЕСТЕР СИТИ

Гвардиола: Немаме време да уживаме, секои три дена нѐ чека нов меч

Пеп Гвардиола, менаџерот на англискиот фудбалски премиерлигаш Манчестер сити, вели дека формата и резултатите на тимот што го предводи се меѓу најдобрите достигнувања во периодот на неговиот речиси петгодишен престој во клубот. Сити оди на меѓународната пауза, борејќи се на четири фронта, откако се пласира во полуфиналето на ФА-купот, со победата над Евертон со 2-0.
Тимот на Гвардиола ја забележа 25-та победа на 26-от натпревар, односно 34-та на 39-те натпревари (плус два ремија и три пораза) од ноември минатата година.
– Во зимно време, во период од четири месеци, играјќи секои три дена, тоа е неверојатно. Немам зборови да го изразам тоа што го чувствувам, немаме време да уживаме затоа што на секои три дена нѐ чека нов натпревар. Не станува збор само за тактиката и за вештините, туку и ментално, треба да се биде подготвен на секој натпревар. Она што го направивме е едно од нашите најголеми достигнувања. Секако, уште ништо не сме освоиле и мораме да бидеме фокусирани на преостанатите натпревари, за да видиме до каде ќе стигнеме – рече Гвардиола за „Скај спорт“. Л.Д.


Од претходно заверен пласман на ракометниот турнир за жени на Летните олимписки игри во Токио имаат Јапонија, Холандија, Франција, Бразил, Јужна Кореја и Ангола, а на турнирот ќе играат вкупно 12 репрезентации

РАКОМЕТ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ПЛАСМАН НА ЛОИ
Унгарија, Русија и Шведска ќе играат во Токио

По убедливите победи над селекциите на Србија и на Казахстан, репрезентациите на Унгарија и на Русија на едно коло пред крајот на ракометниот квалификациски турнир за жени, обезбедија место на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио. Пет селекции се во игра за трите преостанати места што носат билет за ЛОИ во Токио, на кој ќе учествуваат вкупно 12 репрезентации.
На турнирот во Ѓер, Унгарките прво го победија Казахстан (46-19), а потоа славеа сигурна победа и над Србија (31-23). По истото сценарио одигра и селекцијата на Русија, која прво ја надигра Србија (29-25), а потоа и Казахстан (33-26). Од турнирот игран во Шпанија, место на ЛОИ обезбеди и селекцијата на Шведска, која во првиот дуел одигра нерешено со Шпанија (28-28), а потоа забележа сигурна победа над Аргентина (34-21). Победникот од синоќешниот дуел Шпанија – Аргентина ќе го реши прашањето за вториот патник за Токио од групата 1.
Најнеизвесно е во групата 3 што се играше во Црна Гора, каде што шанса за пласман на ЛОИ имаа сите три репрезентации од квалификациската група. Во првото коло Црна Гора ја победи Норвешка со 28-23, а Норвежанките славеа во дуелот со Романија со 29-24.
Од претходно заверен пласман на ракометниот турнир за жени на Летните олимписки игри во Токио имаат домаќинот Јапонија, светскиот првак Холандија, европскиот првак Франција, победникот на Панамериканските игри, Бразил, азискиот шампион Јужна Кореја и африканскиот првак Ангола.  Та.Д.