КОШАРКА – НБА

Рекордни шест триплдабл-ефекти во еден ден
Рекордни шест т.н. триплдабл-ефекти (двоцифрен ефект во три статистички категории) во еден ден е најдоброто остварување во досегашниот тек во кошаркарската НБА-лига. Џејмс Харден од Бруклин постигна 40 поени, 10 скока и 15 асистенции на мечот со Индијана, а другите со ваков ефект се Домантас Сабонис (Индијана, 18 поени и 11 скока и 11 асистенции), Расел Весбрук (Вашингтон, 26-14-10) на мечот со Сакраменто, Дрејмонд Грин (Голден стејт, 16-12-10) против Хјустон, Бен Симонс (Филаделфија, 13-10-12) на дуелот со Милвоки и Никола Јокиќ (Денвер, 12-10-10) против Шарлот.
Други најдобри остварувања во еден ден се пет на 13 март 2021 (Јанис Антетокумпо, Џулиус Рендл, Џејмс Харден, Расел Вестбрук, Домантас Сабонис), по четири на 15 март 2021 (Антетокумпо, Харден, Леброн Џејмс, Лука Дончиќ), 3 март 2021 (Мејсон Плампли, Џејмс, Томи Мек Конели, Денис Смит јуниор), 17 февруари 2021 (Вестбрук, Џими Батлер, Сабонис, Морант), 25 февруари 1999 (Џејсон Кид, Марк Џексон, Скоти Пипен, Крис Вебер), 31 јануари 1989 (Меџик Џонсон, Рон Харпер, Мајкл Џордан, Дарел Вокер) и на 10 февруари 1984 (Џонсон, Лари Бирд, Џеф Руланд, Сидни Монкриф). Г.И.


ФУДБАЛ – ШПАНИЈА

Финалињата на Купот со гледачи?

Претседателот на шпанската фудбалска Ла лига, Хавиер Тебас, изјави дека се надева оти дел од гледачите ќе можат да се вратат на стадионите на првенствените натпревари кон крајот на април, односно и порано, на финалните мечеви во Купот, објави агенцијата „Франс прес“ (АФП). Одложеното ланско финале на Купот, Реал сосиедад – Атлетик, е на 3 април, а годинашното финале, Барселона – Атлетик, е на 17 април, во Севилја.
– Помина една година, научивме многу и се надеваме дека до третата недела од април ќе имаме одреден процент гледачи назад на стадионите – изјави Тебас, додавајќи и „ако околностите дозволат“.
На овие планови се спротивстави министерката за здравство, Каролина Даријас.
– Дозволете ми да бидам јасна. Со оглед на ситуацијата во која епидемиолошки се наоѓаме, тоа не е можно, не е соодветно, не е навремено и не е погодно – рече Даријас. Л.Д.


РАКОМЕТ
Одредени двојките во Купот на Македонија

Со онлајн ждрепка, Ракометната федерација на Македонија (РФМ) ги одреди четирите групи со 16-те најдобри екипи што ќе бидат дел од разигрувањата за пласман на завршницата на Купот на Македонија за мажи. Натпреварите по групите треба да се играат на 31 март и на 1 април.
Двојки, група А: Еурофарм Пелистер 2 – Металург, Работнички – Голден Арт КЛ7. Група Б: Пролет – Прилеп, Младост – Еурофарм Пелистер. Група В: Астраион – Радовиш, Вардар – Тиквеш. Група Г: Бутел – Јуниор КВ, Струга – Охрид. Победниците на полуфиналните натпревари во секоја од групите потоа ќе играат меѓу себе за пласман на фајналфор-турнирот, кој на програмата е во мај.
РФМ со ждрепка ги одреди и полуфиналните двојки за завршниот турнир во мај во Купот на Македонија за жени, па ќе играат Вардар – Чаир и Куманово – Металург. Овие четири екипи во моментов се и на првите четири позиции во женската ракометна Суперлига. Та.Д.