Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) не наложи задолжителна вакцинација за Игрите во Токио летово и нема индиции дека такво нешто ќе важи за Игрите во Пекинг 2022
Олимпискиот и Параолимписки комитет (УСОПК) на САД ќе бара од спортистите, потенцијални кандидати за настап на Зимските олимписки игри (ЗОИ) 2022 во Пекинг, да бидат целосно вакцинирани против ковид-19 до 1 декември, ја објави новата политика извршната директорка на УСОПК, Сара Хиршланд.
Во тој документ се појаснува дека политиката важи и за тренерите, вработените и за „комплетната делегација на американскиот тим на идните олимписки и параолимписки игри“.
Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) не наложи задолжителна вакцинација за Игрите во Токио летово и нема индиции дека такво нешто ќе важи за Игрите во Пекинг. Новите мерки поврзани со ковид-19 се очекуваат следниот месец. УСОПК, исто така, не бараше од спортистите што настапија на ЛОИ да бидат вакцинирани, а околу 100 од околу 600, кои се натпреваруваа во Токио, не беа вакцинирани. Хиршланд, пак, се повикува на „силната поддршка“ од советот за спортисти на УСОПК и од раководните тела за спорт.
– Овој чекор ќе ја зголеми нашата способност да создадеме безбедна и продуктивна средина за спортистите и за персоналот на тимот од САД и ќе ни овозможи конзистентност во планирањето и подготовката на спортистите – вели Хиршланд.
Во внатрешниот документ, УСОПК наведува дека ќе има можност за ослободување од вакцинирање.