Во контакт сум со многу колеги кајакари од соседните земји и сите се на исти маки, тренираат сами, се нервираат и чекаат подобри времиња. Си даваме поддршка, совети, со желба што поскоро да се сретнеме на речните патеки низ Европа и во светот како конкуренти, вели Љубомир Спасиќ, ланскиот победник во Европскиот куп во спринт на дива вода

КАЈАК НА ДИВА ВОДА

Во овие непријатни моменти, моите тренинзи се редуцирани, со скратено времетраење. Повеќето од нив ги одработувам во домашни услови, вели најдобриот македонски кајакар, велешанецот Љубомир Спасиќ, ланскиот победник во Европскиот куп во спринт на дива вода.
Годинашната сезона во овој спорт е под голем знак прашалник, откако Интернационалната кајакарска асоцијација (ИЦФ) ја продолжи суспензијата на сите натпревари до 15 август.

Последното големо натпреварување што беше откажано е Светското првенство (СП), кое во април требаше да се одржи во САД. Во меѓувреме „настрада“ и традиционалниот меѓународен натпревар ИКАС, кој непрекинато повеќе од половина век се одржува на реката Треска, на Матка.
– Сите сме во очекување да се нормализира ситуацијата, но реално, и да има подобрување, тешко е да се претпостави дека наскоро ќе се организира некое поквалитетно европско или светско натпреварување.

Ретко која земја како организатор сака да презема ризици по здравјето на спортистите, патувањата се редуцирани, што севкупно значи дека ќе биде тешко, да не речам невозможно сезоната да продолжи наесен. Во контакт сум со многу колеги кајакари од соседните земји и сите се на исти маки, тренираат сами, се нервираат и чекаат подобри времиња. Си даваме поддршка, совети за тренинзи, совети за исхрана и за одржување на формата, со желба што поскоро да се сретнеме на речните патеки низ Европа и во светот како конкуренти – вели Спасиќ.