ШАХ – ПО ПОБЕДАТА НА „СИНКФИЛД КУПОТ“

Вашер-Леграв стана првиот шахист што двапати го освои турнирот сам, откако во 2018 година за втор триумф на турнирот Карлсен, Каруана и Аронијан го поделија првото место на турнирот

Францускиот велемајстор (ВМ) Максим Вашер-Леграв (2.715 рејтинг-поени) триумфира на познатиот „Синкфилд куп“ во САД, откако сите пет партии во последното деветто коло завршија со поделба на поенот. Благодарение на неговиот настап во Сент Луис, Вашер-Леграв се врати меѓу првите 10 на светската ранг-листа. Американците Весли Со, Фабиано Каруана и Лениер Домингез завршија со половина поен заостанување зад победникот.

„Синкфилд купот“ се вклучи во кругот на елитни шаховски турнири во 2013 година и оттогаш се игра секоја година (освен во 2020-та). Во првите пет изданија победија пет различни шахисти, а Вашер-Леграв победи и во 2017 година, со шест поени од девет можни, исто како и годинава.

Во 2018 година актуелниот светски првак Магнус Карлсен, Каруана и Левон Аронијан се согласија да не играат тајбрејк, туку едноставно да го поделат првото место на турнирот. Бидејќи сите тројца освоија претходни изданија, тие станаа првите шахисти што го повторија успехот. Потоа дојде шестиот различен победник, бидејќи Кинезот Динг Лирен го победи Карлсен во плејофот во 2019 година. Две години подоцна, Вашер-Леграв стана првиот шахист што двапати го освои турнирот сам. Ова секако влијае позитивно за него, ако се знае дека Французинот не успеа да го покаже својот вистински квалитет во вториот дел од Турнирот на кандидатите за предизвикувач на светскиот првак, иако водеше по првиот дел.

Табела: Максим Вашер-Леграв (рејтинг 2.751) 6 поени, Лениер Домингез (2.758), Фабиано Каруана (2.806), Весли Со (2.772) по 5,5, Ричард Рапорт (2.763) 4,5, Џефри Сионг (2.710), Шакријар Мамеѓаров (2.782) и Самуел Шанкланд (2.709) по 4, Петар Свидлер (2.714) 3,5, Дариус Швиерч (2.655) 2,5 поени.