Американскиот велемајстор (ВМ) Весли Со поведе на интернет-турнирот во забрзан и во брз шах во организација на Сент Луис (САД), откако беше најуспешен на турнирот со забрзано темпо на игра (двапати по 25 минути, плус пет секунди по секој потег). Конечниот победник ќе биде познат откако денеска ќе се доигра турнирот во брз шах (двапати по пет минути, плус три секунди).
Победите со забрзано темпо носат по два, а во брзо темпо по еден поен. Со беше единствениот што заврши без пораз, а Магнус Карлсен, кој има половина поен помалку и кој водеше по вториот ден, загуби две партии, од Русите Јан Непомнијашчи и Александар Гришчук.
Со, кој моментално е на осмото во класичен, на 21-то во забрзан и на четвртото место во брз шах на светската рејтинг-листа, победи на ваков турнир во 2018 година, како и на Светското првенство во т.н. „Фишеров шах“ во 2019 година, победувајќи го во финалето токму Карлсен. Сепак, трикратниот светски првак во брз шах, како и актуелен во забрзан и во класичен, Карлсен, ќе има шанса да го помине моменталниот лидер во следните 18 кола на турнирот во брз шах. Г.И.