Сојузот на спортови на Скопје, по повод Денот на ослободувањето на градот, додели награди во вкупно седум категории
Дејан Георгиевски, освојувачот на сребрен медал на Летните олимписки игри (ЛОИ) годинава во Токио (Јапонија), член на таеквондо-клубот Бутел од Скопје, и Илина Арсова, која во Еквадор, Јужна Америка, се искачи на пет врва над 5.000 метри, се добитници на наградата „13 Ноември“ во категоријата спортист, што ја доделува Сојузот на спортови на Скопје по повод Денот на ослободувањето на градот.
Добитник на наградата за најдобар тренер е Борче Костовски, тренерот на олимпиецот Георгиевски, наградата за спортски работник ја доби Билјана Димовска, за долгогодишната работа во тенисот, а наградата за спортски новинар ја доби Бранко Казаковски, од телевизија Телма, за придонесот во развојот и унапредувањето на спортот.
Наградите „13 Ноември“ за животно дело во областа на спортот им припаднаа на Насе Насев, признаен тренер и селектор на најуспешните борачи во слободен стил, носители на медали од европски првенства, светски шампионати и од летни олимписки игри, на Седадин Али-Сетко, професор по физичко образование и воспитание, тренер по фудбал и спортски работник во повеќе спортски здруженија, и на Љубомир Котевски, планинарски водич и спортски работник.
Наградата „13 Ноември“ за општествено-спортски работници ја добија Горанчо Петровски, началник за безбедност на патниот сообраќај во СВР-Скопје, за над 10-годишната сообраќајна логистичка поставеност на скопскиот атлетски маратон и Даниел Димевски, претседател на Македонскиот олимписки комитет.