Во финалето на Австралија опен во Мелбурн, таа ја совлада Шпанката Гарбине Мугуруза со 4-6, 6-2 и 6-2 за нејзин прв гранслем-трофеј. Осум од претходните 12 гранслем-победнички првпат ги освојуваат трофеите
Американката Софија Кенин ја освои првата тениска гранслем-титула со победата над Шпанката Гарбине Мугуруза на Австралија опен во Мелбурн, со 4-6, 6-2 и 6-2. Осум од претходните 12 гранслем-победнички првпат ги освојуваат трофеите.
– Мојот сон официјално се оствари. Ако имате сон, тогаш обидете се да го претворите во јаве. Овие две недели беа најдобрите недели во мојот живот – рече Кенин.
Кенин, која наполни 21 година во ноември, е најмладата шампионка на Австралија опен по Русинката Марија Шарапова во 2008 година, на 20 години. Кенин е родена во Русија, но по само неколку месеци со родителите се пресели во САД, каде што на петгодишна возраст почна да игра тенис. Растена е во Њујорк, а потоа и на Флорида каде што почнала да тренира тенис.
Пред Мелбурн, нејзин најдобар пласман беше осминафиналето на Ролан Гарос лани, каде што стана првата Американка што ја победила Серена Вилијамс на еден голем турнир. Овој пат во Мелбурн ја совлада младата американска ѕвезда, Коко Гоф, во четвртото коло, а во полуфиналето, го изненади светскиот рекет број 1, Австралијката Ешли Барти.
Кенин, исто така, ќе биде најмладата Американка што ќе се најде меѓу првите 10 на ВТА-листата, по Серена Вилијамс во 2002-та, кога имаше 20 години. Мугуруза (26), која првпат играше гранслем-финале на тврда подлога, не успеа да ја освои третата гранслем-титула во кариерата, по Ролан Гарос во 2016 и Вимблдон во 2017 година, кога ги победи Серена и Венус Вилијамс.