„Сметам дека ниту еден спортист не заслужува и не треба да го доживее ова“, се огласи Поп Ацев по неговото неучество на ЕП во пливање во Глазгов

На Европското првенство (ЕП) во пливање во Глазгов беше предвидено да настапи и најдобриот македонски маратонец Евгениј Поп Ацев, во трките на 10 и на 25 км. Но на крајот од тоа не излезе ништо, неговото име го немаше на стартните листи, по што тој разочарано и исфрустрирано се обрати до македонската спортска јавност со свое гледање и објаснување на работите.

„Чувствувам обврска да ја објаснам ситуацијата за мојот настап на ЕП во пливање во Глазгов. Во февруари годинава јас ја исполнив нормата одредена од Пливачката федерација на Македонија (ПФМ) за настап на ЕП и затоа во наредните месеци целата моја енергија, фокусот, тренинзите и мотивација ми беа насочени кон ова првенство. До последен ден добивав лажни информации од ПФМ и верував дека сѐ е во ред со мојот настап. Можете да замислите колку беше разочарувачки и тажно за мене кога со веќе половина спакувана торба видов на стартната листа (пред само два дена) дека моето име не е таму. Имам едно објаснување од ПФМ (не се осмелувам да го објавам зашто е патетично и понижувачко) и сосема спротивно од Европската пливачка федерација (ЛЕН), која вели дека мојата федерација воопшто не испратила пријава. Тие што ме познаваат или кои се натпреварувале на интернационално ниво ќе разберат дека за мојата разочараност, огорченост и болка нема зборови да се опишат. Уште поболно е дека луѓето одговорни за оваа ситуација се натпреварувале на исто ниво и се свесни колку ми значеше настапот на ова ЕП и колку можев да постигнам. Мислам дека ќе му биде тешко на секој нормален човек да си објасни зашто ми го направија ова и до последен момент ме лажеа. Сметам дека ниту еден спортист не заслужува и не треба да го доживее ова“, напиша Поп Ацев откако стана јасно дека нема ништо околу неговото учество на ЕП.

Таканаречениот случај „Поп Ацев“ е само последица на една крајно конфузна состојба во македонското пливање, која трае од поодамна и чие решение не е на повидок. За тоа сведочи и податокот дека во моментов постои двојност во раководењето, односно постојат две раководства во Пливачката федерација на Македонија (ПФМ). Со едното претседава поранешниот истакнат пливач Александар Маленко, кое е признаено од Светската и Европската пливачка асоцијација (ФИНА и ЛЕН) и има решение за дејност од Централниот регистар (ЦР) на Македонија. На чело на „другото“ раководство на ПФМ е Дарко Нашков од Штип, кое ја има поддршката од Агенцијата за млади и спорт (АМС). Двете струи во македонското пливање пред неколку месеци си одржаа годишни собранија на кои избираа раководства. Најпрвин беше избран Маленко, по што ЦР го верифицира тоа, па ден-два потоа го поништи, и решение за работа доби Нашков. Набргу потоа ЦР на Маленко и на „неговата“ федерација повторно им ги верификува функциите. АМС, пак, во меѓувреме им издаде дозвола за работа на неколку нови клубови, кои, како и оние со подолга традиција, во оваа несредена ситуација сакале-нејќеле принудени се да заземат некоја страна. И во една таква состојба најголемата штета ја трпат пливачите, кои не можат да тренираат ниту да се натпреваруваат. Сепак, како мала утеха, планираните државни првенства, зимски и летни, се одржаа на базените во Куманово и во Скопје.


Маленко: Македонија мора да расчисти со лажните величини!

Пливачката федерација на Македонија (ПФМ) во врска со (не)учеството на Евгениј Поп Ацев на ЕП испрати соопштение до јавноста во кое посочува дека продолжува со воведување професионализам со единствена цел – континуиран врвен спортски резултат.

„Во декември лани ПФМ даде согласност Евгениј Поп Ацев да биде олимписки стипендист на Македонскиот олимписки комитет (МОК), иако тој дотогаш немаше позабележителен успех во олимписката дисциплина на 10 км. Сите пријавувања за настап на големи натпревари биле и ќе бидат навремени за сите пливачи што имаат исполнето критериуми, како и нивниот третман, без оглед за која возрасна категорија се работи. Правата и обврските на сите членови на ПФМ се регулирани со кодекс на однесување, кој секој од нас (раководство, пливачи, тренери, судии) го има потпишано и секој се води според него.

Во врска со случајот „Поп Ацев“ ПФМ го кажа следното:
– Прелиминарна пријава имаше уште на крајот од април за тројца пливачи и за две официјални лица.
– Потврда не добивме за да испратиме финална листа на учесници, бидејќи ПФМ од 7 јуни до 31 јули немаше право да користи сметки, печат и службен и-мејл, кој беше „замрзнат“ заради чекањето конечна одлука од второстепената комисија по жалба за тоа кој е легитимен претседател и раководство на ПФМ.

– Од 31 јули до 6 август секојдневно беа испраќани мејлови за добивање потврда, само и исклучиво за Поп Ацев, за трките на 10 и на 25 км. На крајот добивме одговор во кој се вели дека тој „не ги исполнува условите да настапи на ЕП“.
Евгениј ги имаше сите удобности од ПФМ и МОК како врвен спортист, но во периодот јануари – јули 2018 резултатски комплетно потфрли.

ПФМ не е јавашлак, желботека или евтина туристичка семејна агенција за бесплатни тури во светот. Македонија мора да расчисти со лажни слики на величини создавани во последната декада, доколку сака врвни спортски резултати во пливањето и во другите олимписки спортови!“, се истакнува во соопштението на ПФМ, потпишано од претседателот Александар Маленко.