Фото: Маја Јаневска-Илиева

Годинава, за разлика од лани, кога имавме околу 1.600 учесници, бројката е многу поголема и ќе има поголема масовност. Временската прогноза за недела е добра, што е гаранција за добри брзи трки, вели директорот на маратонот, Кире Синадиновски. Како и лани, трката се одржува во отежнати услови на пандемија на коронавирусот, со почитување низа медицински и безбедносни протоколи. Се очекува настап на над 7.000 учесници во сите категории, како што најавија организаторите, во маратон, полумаратон, штафетен маратон и на пет километри

АТЛЕТИКА – УТРЕ 17. СКОПСКИ МАРАТОН

Скопје утре ќе биде во знакот на традиционалниот 17. Скопски атлетски маратон, чиј старт и цел ќе бидат на платото пред спортскиот центар „Борис Трајковски“, со почеток во 8 часот. Како и лани, трката се одржува во отежнати услови на пандемија на коронавирусот, со почитување низа медицински и безбедносни протоколи.
– Годинава, за разлика од лани, кога имавме околу 1.600 учесници, бројката е многу поголема и ќе има поголема масовност. Повторно ќе недостигаат елитните тркачи од странство, но, и покрај тоа, очекуваме интересна и возбудлива трка. Попознато име е Еквадорката Силвија Паредес, која реши да дојде и да трча и која има учествувано на Летните олимписки игри во Рио во 2016 година, а чие најдобро време е околу 2,40 часа. Интересна трка низ улиците на Скопје очекуваме од најдобрите македонски маратонц(к)и, вкупно 24 (16 во машка и осум во женска конкуренција – н.з.), за кои ова ќе биде државно првенство. Најдобрите, Адријана Поп Арсова и Дарио Ивановски, кои се рекордери во повеќе дисциплини, од 5 км, 10 км, до полумаратон и маратон, имаа одлична сезона, во добра форма се и нема да биде никакво изненадување доколу падне и некој нов рекорд. Временската прогноза за недела е добра, што е гаранција за добри брзи трки и ги повикувам скопјани да излезат на улиците и да им дадат поддршка на натпреварувачите – вели директорот на маратонот, Кире Синадиновски.

Учесниците, над 7.000 во сите категории, како што најавија организаторите, од маратон, полумаратон, штафетен маратон и на пет километри, ќе трчаат по булеварот Илинден до населбата Хром, потоа по булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, низ Центар, до булеварот Србија во населбата Ново Лисиче и назад до Центар и по булеварот Илинден. Маратонците и учесниците во штафетниот маратон ќе трчаат два, а полумаратонците еден круг.
Победниците на маратонот ќе добијат по 1.200 евра, плус дополнителни 800 евра за времиња под 2:18,59 часа за мажи, односно 2:46,59 часа за жени. Најдобрите македонски маратонц(к)и ќе бидат наградени со по 350 евра, плус со по 250 евра вредносни ваучери од „Визер“.
Рекордот на Скопскиот маратон во машка конкуренција, на Кениецот Кируи Кипротич, од 2016 година, изнесува 2:12,36 часа, а во женска конкуренција, на неговата сонародничка Стела Барсосио од 2017 година, 2:33,42 часа.


„Нова Македонија“ и годинава со свои претставници

Редакцијата на весникот „Нова Македонија“, која е и медиумски покровител на Скопскиот маратон, по традиција, и годинава ќе има свои претставници на оваа манифестација. Тоа се новинарката Сања Јачевска и ликовно-графичкиот уредник Гоце Цветаноски.
– Скопскиот маратон е празник на градот што не се пропушта. Или подобро речено, откако ќе пробаш еднаш, се навлекуваш на адреналинот што блика по скопските улици. По шести пат ќе трчам полумаратон, а веќе сум зависна рекреативка. Искуството си го прави своето, сѐ полесно ми оди подготвувањето. Го синхронизирав темпото со пулсот и сега целам да соборам уште еден личен рекорд. В недела очекувам суперрасположение, си посакувам лесни нозе и пријатно време – вели Јачевска.
За Цветаноски ова ќе биде 12-то учество на трката на 21 километар на Скопскиот маратон.
– Традиционално трчам полумаратон, мислам дека годинава сум за нијанса поподготвен отколку на претходните неколку настапи и очекувам да истрчам околу 1,40-1,42 час. Личниот рекорд на оваа делница ми е 1,26 час, поставен пред дваесетина години. Според прогнозите, времето би требало да биде идеално, така што маратонците ќе имаат одлични услови за врвни постигнувања – вели Цветаноски.


СКОПСКИ МАРАТОН 2021

  • 17-то издание на трката
  •  Старт утре, од 8 часот, на
    платото пред спортскиот центар „Борис Трајковски“
  • Над 7.000 натпреварувачи, во маратон околу 170, на полумаратон над 1.200 во двете конкуренции, другите во штафетниот маратон и во трката на пет
    километри
  • Вторпат виртуелна трка со над 200 учесници