Британското гран-при во Формула 1 секогаш е една од најважните трки во сезоната, но годинава ќе биде како ниедна друга. Првпат две Ф1-трки ќе се одржат во Англија во текот на последователните викенди, а двата настани ќе бидат без гледачи покрај патеката Силверстоун поради пандемијата на коронавирусот. Гранпри-викендот е обично една голема забава, минатата година трката привлече повеќе од 140.000 гледачи, како дел од рекордната посетеност од 351.000.
Светскиот првак Луис Хамилтон го држи рекордот на оваа трка со шест победи и има пет триумфа изминатите шест години. На британскиот возач сега му требаат пет победи за да го изедначи рекордот на Михаел Шумахер од 91 победа во Ф1. Во трите трки во годинашната одложена сезона, Хамилтон води пред Валтери Ботас со пет бода предност во првенството на возачите.
Втората трка на Силверстоун на 9 август ќе биде позната како „Голема награда на 70-годишнината“, како одбележување на првата трка на Светскиот шампионат во Ф1, која се одржа на Силверстоун на 13 мај 1950 година. Во таа пригода присуствувале 100.000 луѓе, пишува „Би-би-си“.