Програмата од клубот ја следам, наутро трчам, попладне возам велосипед, навечер дома тренирам специфични вежби за пливање, сила и за флексибилност. Враќањето во базените е можно наскоро да се случи. Пливањето е специфичен спорт и не може да се замени со други спортови за да се остане во врвна форма. За трки е тешко да се каже кога ќе има, се надевам дека ќе има барем уште некоја трка сезонава. Сепак, прво треба да победиме во трката со пандемијата, а тоа е и најважната борба годинава, вели македонскиот пливачки маратонец Евгениј Поп Ацев
ЕВГЕНИЈ ПОП АЦЕВ, ПЛИВАЧКИ МАРАТОНЕЦ
Трикратниот светски првак од гранпри-серијата на Светската пливачка федерација во маратонско пливање, во 2015, 2017 и во 2019 година и победник на традиционалниот Охридски пливачки маратон (2015 година), Евгениј Поп Ацев, како и повеќето спортисти во светот, ја чувствува на спортски план моменталната криза со пандемијата на коронавирусот и воведените рестриктивни мерки. Кандидатот за настап на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио во 2021 година не е во базенот, па сето тоа настојува да го дополни на друг, специфичен начин, за да ја задржи формата, кога повторно ќе се нурне во брановите по нови светски резултати.
– Овој период го користам да поминам време со моето семејство, оти ретко имаме можност да бидеме заедно долго време дома со ќерка ми и со сопругата. Денот ми е исполнет со игри, суви тренинзи, прошетки, па дури по малку пробувам и нови вештини, како на пример готвењето и слично. Квалитетното време со семејството и секојдневната рутина ги прават деновите интересни, па дури и малку попродуктивни.
За мене е најтешка неизвесноста и тоа што не можам да го планирам следниот период, бидејќи уште не се знае кога сево ова со пандемијата ќе заврши и кои би биле последиците – вели Поп Ацев.
Тој и во овие невообичаени услови се обидува да ја одржи формата, иако не е во базенот.
– Се трудам да импровизирам и да останам во што е можно подобра физичка форма, иако не пливам. Имам програма од клубот што ја следам, наутро трчам околу еден, еден и пол час, попладне возам велосипед, а навечер дома тренирам специфични вежби за пливање, сила и за флексибилност. Се трудам колку што можам да ја задржам рутината од порано со тие тренинг-часови и што поподготвен да се вратам на пливачките тренинзи кога ќе се отворат базените.
ЕП во водни спортови е одложено дури за јуни следната година, што е долг период, но Европската пливачка федерација немаше друг избор. Затоа ќе мора да ја адаптирам програмата и за следната година, кога верувам дека ќе се среди сегашната ситуација и ќе се одржи ЕП – рече Поп Ацев.
Поп Ацев, сепак, се надева дека ќе има уште некоја трка до крајот на сезонава во ултрамаратон-серијата, освен таа што се одржа во Катар.
– Трката во Катар беше на 10 км, што е моја послаба дисциплина, за разлика од подолгите трки од ултрамаратон-серијата. Иако не беше пласманот добар, сепак, е солиден настап за прва трка годинава. Пикот на сезоната требаше да биде во крајот на мај и периодот јули-август, но речиси сѐ е откажано летово.
Не се знае уште колку трки ќе се одржат и дали воопшто ќе има вкупно бодување. Се надевам дека ќе има барем уште некоја трка сезонава. Сепак, прво треба да победиме во трката со пандемијата, а тоа е и најважната борба годинава – вели тој.
Поп Ацев не верува дека трки ќе има во следните 2-3 месеци и покрај тоа што враќањето во базените е можно наскоро.
– Враќањето во базените е можно наскоро да се случи. Некои европски држави веќе ги отворија базените за професионалните пливачи, но секоја земја е различно погодена од пандемијата и има различен пристап. Верувам дека и кај нас ќе биде што поскоро, оти пливачите веќе направија голема пауза, пливањето е специфичен спорт и не може да се замени со други спортови за да се остане во врвна форма. За трки е тешко да се каже кога ќе има, но не верувам дека ќе има во следните 2-3 месеци. Малку е покомплицирано, оти додека не се воспостави нормален начин на живот, безбедни патувања без рестрикции, не може да се организира меѓународен натпревар – вели Поп Ацев.
„Имам шанси за ЛОИ иако конкуренцијата е силна и има малку места“
Квалификациите за Летните олимписки игри во Токио во 2021 година се презакажани за мај в година во Јапонија. Сметам дека имам шанси, иако конкуренцијата е силна и има малку места за настап. Ми претстојат долг, тежок пат и напорна работа до следните квалификации, но се надевам дека овој дополнителен период ќе го искористам и да добијам плус на брзината и со тоа да ги зголемам моите шанси за пласман на Летните олимписки игри во Токио, изјави македонскиот пливач маратонец, Евгениј Поп Ацев.