ВЕЛОСИПЕДИЗАМ

Велшанецот Герент Томас (35) ќе го предводи тимот на Инеос гренадирс на претстојната велосипедска трка, Тур де Франс, на која победи во 2018 година. Во тимот на Инеос, кој осми пат ќе атакува на триумф на Тур, ќе му помагаат двајца победници на Џиро Д’Италија, ланскиот, Британецот Тао Гејген Харт и Еквадорецот Ричард Карапаз од 2019-та.
– Ја сменивме нашата филозофија и на трките да бидеме поотворени и поагресивни. Нема да победиме на Тур само со седење на велосипедот. Имаме тим што ќе преземе иницијатива, ќе ја искористи секоја шанса и што ќе атакува на секој километар во секоја етапа – изјави шефот на тимот, Дејвид Брејлсфорд.

Во минатата година трката беше една од најдраматичните во 108-годишната историја кога Словенецот Тадеј Погачар, во претпоследната етапа го победи сонародникот Примож Роглич. Двајцата словенечки возачи се фаворити за победа и годинава, ако се оценува според моментната форма. Годинава ќе се вози 21 етапа (вкупно 3.417,5 км), Тур почнува на 26 јуни, во областа Бретања, а треба да заврши традиционално, на Елисејските Полиња во Париз, на 18 јули.

Ова ќе биде 12-ти настап на Тур на Инеос од 2010 година, тогаш под името Скај, период во кој победија седум пати, прво Бредли Вигинс во 2012 година, а потоа Крис Фрум четири пати, во 2013, 2015, 2016 и 2017-та, и по еднаш Томас во 2018 и Еган Бернал во 2019 година.