Јепчирчир за 18 секунди го подобри својот претходен светски рекорд, а и второпласираната Кејета и третопласираната Јехуалау имаа време подобро од претходниот светски рекорд
АТЛЕТИКА – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО ПОЛУМАРАТОН
Кениската атлетичарка Перес Јепчирчир (27 г.) го собори сопствениот светски рекорд во полумаратонот во женска конкуренција и го освои златниот медал на Светското атлетско првенство во полумаратон што викендов се одржа во Гдиња, Полска. Патеката од 21 км таа ја истрча за еден час, пет минути и 16 секунди, што е за 18 секунди побрзо од нејзиниот претходен рекорд, поставен во Прага, на 5 септември годинава.
Второто место го освои Германката Мелат Кејета, која зад Јепчирчир заостана само две секунди, а со три секунди заостаток зад победничката заврши Јалемцерф Јехуалау од Етиопија, која го освои бронзениот медал во крајно изедначената трка. За Јепчирчир ова е втора светска титула во полумаратонот, откако своето прво злато го освои во 2016 година.
Во машката трка најбрз беше 19-годишниот атлетичар од Уганда Џејкоб Киплимо, кој целта ја помина за време од 58 минути и 49 секунди, притоа поставувајќи рекорд на шампионатот. Втор ја заврши трката Кибивот Канди од Кенија (58,54 минути), а трет беше Амедеворк Валелегн од Етиопија (59,08).
Ѕвездата на патеката Џошуа Чептегеј од Уганда, кој минатата недела го собори светскиот рекорд на 10.000 метри, дебитира на полумаратонот и го освои четвртото место со време од 59 минути и 21 секунда. Тој, исто така, е сопственик на светскиот рекорд на 5.000 метри.