Светската шаховска федерација (ФИДЕ) презентира дел од своите статистички податоци од својата база за шахистите, за одбележување на Светскиот ден на статистиката, 20 Октомври, кој се слави секои пет години од првиот, воведен од Обединетите нации (ОН) во 2010 година. ФИДЕ-рејтингот чува многу вредни информации за секој играч. Тука може да се најдат графикони за промена на рејтингот, записи за најдобрите пласмани на листите, па и да се научи многу за врвните велемајстори (ВМ). Друг извор на интересна статистика се и податоците поврзани со националните федерации.
Која земја има најмногу велемајстори по жител? Ерменија, на пример, има 2.963.243 жители според последните податоци на ООН и 40 велемајстори (ВМ) според базата на ФИДЕ. Во Исланд живеат 364.134 луѓе, а може да се пофалат со 13 ВМ. Овие две земји се натпреваруваат за тоа која има повеќе ВМ според бројот на жители, пишува ФИДЕ. Во Монако, на пример, живеат 39.242 луѓе со двајца ВМ.
Тоа значи дека Монако има еден ВМ на околу 19.500 жители, во споредба со Исланд, еден на 28.000 и Ерменија еден на 74.000. Андора не е далеку, со 77.302 жители, има двајца ВМ, што е еден ВМ на 38.500 луѓе. Ако, пак, ФИДЕ беше држава, во моментов ќе имаше двајца ВМ (од различни причини, одвреме-навреме некои ВМ играат под знамето на ФИДЕ).
Денес во светот има 1.722 носители на титулата ВМ. Во апсолутен број, Русија е лидер со дури 239 ВМ, а потоа следуваат Германија со 96 и САД со 95. Вкупно 37 од 1.722 ВМ во светот се жени, од кои седум во Кина, шест во Русија, пет во Грузија. Шахистките сочинуваат 10 отсто од сите играчи на ФИДЕ. Со 5.851 шахистка, Русија е апсолутен лидер, втора е Индија (3.534), а трета Франција (2.107), пишува меѓу другото ФИДЕ.
Македонија има 10 ВМ, 11 интернационални мајстори (ИМ)… Кај шахистките немаме ВМ, а имаме еден женски интернационален мајстор (ЖИМ) и четири женски ФИДЕ-мајстори (ЖФМ), од вкупно регистрирани 31 шахистка во ФИДЕ. Според октомвриската рејтинг-листа, Македонија е 50-та во светот, од вкупно 184 регистрирани во ФИДЕ.