Вкупно 206 шахисти годинава ќе се натпреваруваат на СП за мажи (досега играа по 128), а СП за жени е проширено на 103 шахистки (досега 64)
ШАХ
Светското првенство (СП) на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) е едно од водечките натпреварувања, во последните изданија стана еден од најследените настани во шаховскиот календар, а годинава ќе се организира во Русија во втората половина на годината. Бројот на учесниците ќе се зголеми од 128 на 206. Директно се поканети актуелниот светски првак во машка и во женска конкуренција, јуниорскиот светски шампион, како и четворицата полуфиналисти од 2019 година. Ним ќе им се придружат 80 играчи квалификувани преку континенталните шампионати, при што на секој континент му е загарантирана минимална квота, и 100 шахисти номинирани од најдобрите 100 федерации според просечниот рејтинг.
Точниот список на земји/федерации што ќе имаат право да номинираат шахист, треба да биде објавен наскоро. СП ќе биде комплетирано со 12 највисоко рангирани играчи, кои не се квалификувале по ниту еден критериум, како и со највисоко пласираниот играч на Асоцијацијата на шаховски професионалци (АЦП-турнејата 2021 година).
За да се задржи должината на турнирот во разумни граници, 156 шахисти ќе почнат од 1-то коло, но 50-те врвни играчи директно одат во втората рунда, а финалето се намалува од четири на две партии.
Што се однесува до СП за жени, бројот на учеснички е зголемен од 64 на 103. Вкупно 51 шахистка ќе се квалификува од континенталните првенства, а 39 национални федерации, исто така, ќе имаат право да номинираат шахистка. СП на ФИДЕ ќе им даде можност на три шахистки директно да се квалификуваат на Турнирот за кандидати за жени за светски првак, што ќе се одржи во првата половина на 2022 година.