Со поимот „Солидарност“, важно е да се поврзат алтруизмот, великодушноста и милосрдието. Сами не можеме многу, но заедно станува возможно. Во тешки времиња како оние низ кои поминуваме, дружејќи се заедно, поддржувајќи се и помагајќи си, солидарноста секако добива нова димензија, велат од Џудо-федерацијата на Македонија, во пресрет на Светскиот ден на џудото, 28 октомври
Светскиот ден на џудото се одбележува секоја година на 28 октомври, кога всушност е роденден на Џигоро Кано, основачот на овој светски популарен спорт. Годинашна тема на Светскиот ден на џудото е „Солидарност“.
– На 28 октомври 2021 година, Џудо-федерацијата на Македонија, џудо-клубовите како и индивидуалците, на свој начин, ќе го одбележат Светскиот ден на џудото. Всушност секој на свој начин преку солидарност ќе покаже дека раката што ја подава денес можеби ќе биде таа што ќе му помогне утре. Сите активности што ќе ги направат клубовите, поединците или Федерацијата ќе ги споделиме со сите – велат од Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ).
Претходните теми на овој ден беа: „Заедно посилни“ (во 2020 година), „Засади дрво“ (2019), „Пријателство“ (2018), „Храброст“ (2017), „Џудо за светот“ (2016), „Единство“ (2015), „Чест“ (2014), „Истородност“ (2013) „За сите“ (2012) и „Почит“ (2011) за денот што е посветен на џудистите, тренерите, публиката и на сите љубители на еден од најраспространетите спортови во светот.
Денес, повеќе од 40 милиони луѓе се дел од големото џудо-семејство во светот. Светската џудо-федерација (ИЏФ) има 200 национални федерации-членки и пет континентални сојузи. На 28 октомври 2021 година, милиони џудисти на планетата ќе се сретнат физички или онлајн за да го одбележат овој значаен ден. Според годинашното мото „Солидарност“ ќе бидат водени сите активности што ќе се реализираат при одбележувањето на овој настан во целиот свет.
Веќе две години целото човештво е зафатено од пандемијата на ковид-19. Се чини дека секој епидемиски бран е последен, но, повторно се јавуваат нови мутации, нови соеви…
– И покрај тешкотиите, блиските што се зафатени, а некои и настрадаа, оние за кои постојано размислуваме, џудо-семејството никогаш не било толку обединето за да ги надмине овие искушенија и тоа го докажа на најубав можен начин за време на неодамнешните Летни олимписки и Параолимписки игри во Токио 2020 година – велат од Џудо-федерацијата на Македонија.
Покрај пандемијата, светот се соочи со кризи, кои исфрлија илјадници бегалци на патиштата, климатските услови што ги загрозија самата природа и животот на многу луѓе, исто така, создаваат тешкотии.
Вклучувањето на Меѓународната џудо-федерација и многу национални федерации, како и континентални сојузи, во проекти како „Џудо за мир“, „Џудо за бегалци“, „Џудо за деца“, „Џудо за сите“ и повеќе, ја илустрира оваа надеж да се каже и да се направи, така што сонот на Џигоро Кано за создавање поправедно општество полека се остварува.
– Со поимот „Солидарност“, важно е да се поврзат алтруизмот, великодушноста и милосрдието. Сами не можеме многу, но заедно станува возможно. Во тешки времиња како оние низ кои поминуваме, дружејќи се заедно, поддржувајќи се и помагајќи си, солидарноста секако добива нова димензија – велат од ЏФМ.