Светската федерација во хокеј на мраз (ИХФ) и понатаму сака машкото Светското првенство (СП) во 2021 година да се одржи во Белорусија и покрај противењето на Летонија. Покрај Белорусија и Летонија е домаќин на ова СП.
Во Белорусија моментално во тек се секојдневни протести, а ситуацијата е мошне тензична, поради наводните сомнителни претседателски избори, кои му го донесоа и шестиот мандат во низа на актуелниот претседател Александар Лукашенко.
– Во овој момент тешко е да се замисли дека можеме да организираме хокеарски турнир со Белорусија – изјави летонскиот премиер Крисјанис Каринс.
Летонската влада, пак, сака Светската хокеарска федерација да најде нов кодомаќин или ќе ја преиспита можноста за свое повлекување од организацијата на ова СП, кое на програмата е следната година (21 мај – 6 јуни).
– Ја признаваме изјавата на летонската влада и моментално чекаме понатамошна комуникација. Главната цел сепак останува, а тоа е СП 2021 година да се одржи во градовите Минск (Белорусија) и Рига (Летонија) – се наведува во соопштението на Светската хокеарска федерација.
Во главниот град на Белорусија, Минск, според планот на СП, би требало да се одржат полуфиналните дуели и финалето. Собранието на ИХФ треба да одржи состанок кон средината на септември за да ја разгледа состојбата и потоа да ја информира јавноста за какви било измени, ако воопшто и ги има за статусот на ова СП.