Музејот им нуди на посетителите интерактивно патување низ историјата на атлетиката и светските првенства, истакнувајќи многу легенди на овој спорт, реални интерактивни содржини, вклучувајќи и предмети донирани од спортистите
Отварање 3Д виртуелен музеј на атлетиката е најновиот иновативен проект на Светската атлетика (СА), кој е ново ниво на креативна технологија во светот на спортот. Музејот на светската атлетика (МОВА) е првиот спортски музеј достапен единствено во дигиталниот свет, пишува СА на својата интернет-страница. Тој на посетителите им нуди интерактивно патување низ историјата на атлетиката и светските првенства, истакнувајќи многу легенди на овој спорт, реални интерактивни содржини, вклучувајќи и предмети донирани од спортистите, кои помагаат подобро да се раскаже приказната за овој спорт.
Меѓу експонатите има предмети што се во сопственост на едни од најголемите спортисти во атлетската историја, како Пааво Нурми, Џеси Овенс, Фани Бланкерс-Кун, Ирена Шевинска, Карл Луис, Мари-Жозе Перек, Јан Железни, Алисон Феликс и Усеин Болт. Претседателот на СА, Себастијан Коу, рече дека MOВA е совршена платформа за прикажување на широкото наследство на атлетиката.
– Одушевени сме што сме првата меѓународна спортска федерација со 3Д виртуелен спортски музеј пред глобалната публика. Љубителите на спортот и музеите од целиот свет, без географски ограничувања на физичката локација, ќе можат да ја откријат фасцинантната историја на атлетиката и неверојатните достигнувања на нашите спортисти. Атлетиката е најдостапниот и најразновидниот спорт во светот и сакавме музејот да го рефлектира тоа, правејќи ја платформата достапна за секого, без оглед каде сте и каков уред користите – рече Коу, додавајќи дека особено е значајно тоа што овој проект доаѓа во време на пандемиски ограничувања, кога гледачите не можат да присуствуваат на спортски настани или да ги посетуваат музеите лично.