Покрај Сапоро, кој беше домаќин на ЗОИ 1972, засега нема други официјално заинтересирани градови-кандидати
Јапонскиот олимписки комитет (ЈОК) објави дека му дал зелено светло на градот Сапоро за почнување на кандидатскиот процес за организација на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во 2030 година. Сапоро, кој беше домаќин на ЗОИ 1972, се повлече од процесот за наддавањето за организација на ЗОИ 2026, кои ќе се одржат во Милано/Кортина д’Ампецо (Италија). Јапонскиот Нагано беше домаќин на ЗОИ во 1998 година.
Претседателот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), Томас Бах, изрече пофални зборови за Сапоро во кој, наместо во Токио поради високите летни температури, ќе се одржат олимписките маратонски трки и трката во брзо одење на 50 км.
Иако засега нема други официјално заинтересирани градови, Сапоро најверојатно, ќе мора да се натпреварува со Солт Лејк Сити, кој од Олимпискиот комитет на САД е избран како град-кандидат, ако земјата конкурира за ЗОИ 2030. Како евентуален град-домаќин се спомнува и Барселона, поврзано со Пиринеите. Во Солт Лејк Сити се одржаа ЗОИ 2002, а во Барселона, Летните олимписки игри (ЛОИ) во 1992 година.
Нема временска рамка за назначување на градот-домаќин според новите процедури за наддавање на ИОК, но Бах навести дека тоа може брзо да се случи.