Невакцинираните тенисери нема да можат да се натпреваруваат на претстојното издание на гранслем-турнирот Австралија опен во Мелбурн. Првиот човек на турнирот Крег Тили повторил дека одлуката на властите на австралиската сојузна држава Викторија, да го забранат влезот за невакцинираните, е јасна од почетокот.
– За да влезете во државата Викторија морате да бидете вакцинирани. Тоа од почетокот им е кажано на тенисерите. Сите мора да бидат вакцинирани, не само тенисерите и тенисерките, туку и сите членови на нивните тимови – изјавил Тили за австралиските медиуми.
По оваа изјава на Тили се поставува прашањето дали најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ ќе биде дел од турнирот. Деветкратниот победник не открива дали се вакцинирал. Тили рекол дека сите во Мелбурн се надеваат оти Ѓоковиќ ќе биде дел од турнирот.
Првиот светски рекет во неодамнешно интервју за српски „Блиц“ изјави дека можеби нема да игра на Австралија опен во очекување на разврската со условите за настап на турнирот во Мелбурн.
– Не сакам да откријам дали сум вакциниран или не. Тоа е лична работа и според нашиот закон можете да тужите некого за таквото прашање. Многу луѓе си земаат слобода да прашуваат такви работи и да осудуваат. Што и да одговорите, тие тоа ќе го злоупотребат – порача тогаш Ѓоковиќ.
Српскиот тенисер има можност да стигне до рекордниот 21-ви гранслем-трофеј (тој, Роже Федерер и Рафаел Надал моментно имаат по 20) на претстојниот турнир во Мелбурн, што сигурно ќе го земе предвид ако биде соочен со одлуката да бира помеѓу спортските успеси и вакцинацијата.
Австралија опен на програмата е од 17 до 30 јануари в година.