ФОРМУЛА 1
Возачот на Ферари, Шпанецот Карлос Саинц, ќе ja почне викендов трката во Турција од последната позиција, како резултат на казна поврзана со моторот на неговиот болид, пишува „Би-би-си“. Болидот на Саинц ќе биде опремен со нова енергетска единица, а истото тоа се случи и со неговиот колега Шарл Леклер на претходната трка, во Русија.
Првопласираниот на шампионатот во Формула 1 за сезонава, Британецот Луис Хамилтон, исто така, може да се соочи со слична казна за моторот пред крајот на сезоната, но сѐ уште не е познато на која трка ќе се случи тоа, пишува „Би-би-си“.
Ривалот на Хамилтон за шампионската титула, Холанѓанецот Макс Ферстапен, мораше да стартува од последниот ред на трката во Русија поради казна за моторот. Ферстапен, сепак, го освои второто место на таа трка, зад Хамилтон, кој води со два бода повеќе во генералниот пласман на возачи сезонава, пред трката во Турција.