Практиките што ги имавме во минатото едноставно не може да постојат. Церемонијата на подиумот нема да може да се случи како што се правеше досега. Еден начин би бил да се паркираат автомобилите на патеката и возачите да застанат пред нив, вели спортскиот директор на Ф1, Рос Браун, кој најави дека нема да има и многу луѓе на патеката пред трките, ниту возачка парада, предавање трофеи…
Наместо прогласување победник на подиумот, сега можеби ќе има церемонија на целната рамнина на патеката по трката, рече спортскиот директор на Формула 1 (Ф1), Рос Браун.
– Церемонијата на подиумот нема да може да се случи како што се правеше досега, но гледаме да направиме нешто на патеката по трката. Еден начин би било да се паркираат автомобилите на патеката и возачите да застанат пред нив – вели Браун.
Трофеите нема да може да се предадат по трките, бидејќи физичкото растојание нема да може да се задржи. Но постојат нови идеи, кои сега се тестираат со телевизиите.
Традиционално, патеката пред почетокот на трката е полна со возачи, механичари, медиуми и гости, но сега бројот на присутни ќе се намали на минимум во „новото нормално“, додека социјалните побарувања за дистанцирање значат церемонијата што се одвива на подиум и интонирањето на националната химна на земјата-домаќин да изгледа различно. Возачката парада, во која сите пилоти се возат околу патеката на отворениот кат на автобус и се интервјуирани, засега не е можна.
– Значи, ќе одиме со интервју со секој од нив надвор од гаражата. Практиките што ги имавме во минатото, едноставно, не може да постојат. Се разгледува секој аспект од моментот кога тимовите ќе пристигнат до моментот кога ќе заминат – вели Браун за интернет-страницата на Ф1.
Како и да е, постојат многу начини за формат на гранпри-трките што ќе биде привлечен за јавноста „без загрозување на здравјето и безбедноста“.
– Сто отсто сум сигурен дека ќе имаме интересен и возбудлив производ. Само ќе биде различен. Тоа е новиот стандард. Тоа сигурно ќе биде новиот стандард за остатокот од годината – рече Браун.
Формула 1 сака да ја почне сезоната на 5 јули со трка во Шпилберг, Австрија. Досега во новиот календар се закажани осум гранпри-трки во Европа (по две во Австрија и во Велика Британија, по една во Белгија, Унгарија, Шпанија и во Италија), а планирано е да има од 15 до 18 трки до средината на декември.