По 5-то коло тој има 3,5 поени и нови 19,2 рејтинг-поени, додека Стојан Велковски засега има најмногу од сите 17 македонски претставници, 82,4
Македонскиот надежен шахист во категоријата до 16 години, Емил Ристески (2.208 рејтинг-поени, рангиран на 47-то место), моментно е најуспешниот во македонската експедиција од 17 претставници на Европското првенство (ЕП) за млади, кое се игра во девет кола во Братислава, Словачка. Тој по 5-то коло има 3,5 поени и е на 25-то место, со плус 19,2 нови рејтинг-поени, откако ремизира со ФМ од Полска Миежко Мис (2.296).
Во женска конкуренција, пак, засега најуспешни се Јована Давиткова (1.137, рангирана на 91-то место) во категоријата до 12 години и Леа Ефтовска (1.488, рангирана на 89-то место) до 16 години, и двете со по 1,5 поен од пет можни. Нови рејтинг-поени засега имаат освоено Андреи Калин (49,6), Георг Фармакоски (78,8), Леонид Петрески (74,8), Стојан Велковски (82,4), Кристијан Велковски (26,8), Давиткова (30,8), Ефтовска (35,6) и Јована Лазарова (24). Момчињата засега имаат освоено 21 поен од можни 50 (42 отсто), а девојчињата 8 од можни 35 (22,8 отсто).
На ЕП се игра во шест возрасни категории (8, 10, 12, 14, 16 и 18 год.) во двете конкуренции, со вкупно 1.306 учесници од 48 држави (4 ВМ, 1 ЖВМ, 17 ИМ, 81 ФМ, 41 ЖФМ), од кои 796 се шахисти, а 510 шахистки.