На Алафилип му се додадени 20 секунди откако тој зел шише со вода од тимот за поддршка на 17,8 км до целта, а според правилата на возачите не им е дозволено да земаат храна или пијалак во последните 20 км од етапата. По пет етапи, води Јејтс, а досега водечкиот Алафилип е 16-ти
ВЕЛОСИПЕДИЗАМ
Британецот Адам Јејтс е во водство во генералниот пласман на велосипедската трка Тур де Франс откако на Французинот Јулијан Алафилип му беше изречена казна од 20 секунди на петтата етапа, во која победата му припадна на Белгиецот Ваут ван Аерт. Казната за Алафилип следуваше откако тој зел шише со вода од тимот за поддршка на 17,8 километри до целта, а според правилата на Светската велосипедска унија (УЦИ) на возачите не им е дозволено да земаат храна или пијалак во последните 20 км од етапата.
Досега водечкиот Алафилип по пет етапи е 16-ти. Британецот не е среќен на начинот со кој стигна до жолтата маичка, наменета за водечкиот возач во генерален пласман.
– Ова не е начинот на кој замислував да ја земам жолтата маичка и мислам дека никој не сака на ваков начин да стигне до маичката. Планирав маичката да ја земам со победа во шестата етапа и ќе се обидам да го направам тоа – рече Јејтс, кој е деветти британски возач што бил во водство на Тур де Франс, а прв по триумфот на Герент Томас во 2018 година.
Ван Ерт покажа најголема умешност во спринтот на последниот километар од петтата рамна етапа, долга 183 километри.
– Ова можеби беше најлесната етапа што сум ја возел во мојата кариера, немаше бркање по никого, немаше брзина, но затоа последниот километар беше хаотичен – рече Ван Ерт.
Зад Јејтс по петте етапи се Примож Роглич (три секунди послабо време), Тадеј Погачар (седум секунди), Гијом Мартин (девет секунди) итн.