Од август лани Надал трипати беше на врвот на АТП-листата, а Федерер трипати го надминуваше, како што треба да биде од денеска, со новата листа на најдобри тенисери во светот
Од денеска одново тенисер број еден во светот треба да биде Швајцарецот Роже Федерер, преземајќи го врвот на листата на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП) од Шпанецот Рафаел Надал.
Ова е шести пат како Федерер се враќа на врвот, во што е израмнет со Надал, а толку освојувања на првото место во кариерата имаат и Швеѓанецот Бјерн Борг и Американецот Андре Агаси. На оваа листа на повеќекратни враќања на врвот на АТП-листата води Американецот Џон Мекинро со 14 „повторувања“, од 1980 до 1985 година.
Со новата смена на врвот продолжи наизменичното меѓусебно менување од првата позиција на Надал и на Федерер од август лани. Тогаш Надал стана број еден, потоа во февруари годинава Федерер се искачи на врвот, па Надал го презеде највисокото место во април, Федерер се врати во мај, но истиот месец Надал одново стана најдобар, за сега пак Федерер да биде на првото место на АТП-листата.
Со тоа Швајцарецот го зголеми и рекордот за најстар број еден во тенисот, со 36 години и повеќе од 300 дена (втор на оваа листа е Агаси со 33 години) и рекордот на вкупно недели на првото место на 310 (втор е Пит Сампрас со 286 недели).