Димовски во последната декада од минатиот век беше еден од најекспонираните македонски боксери. Неговите витрини покрај многуте медали и трофеи ги красат и четирите „златни гонга“, од кои три се освоени во минатиот, а еден во овој век. Највисок дострел – делба на 5-то место на СП во Милано

Во втората половина од минатиот век, боксерскиот клуб Скопје беше вистински извор на боксери. Од клубот во Автокоманда, за чие постоење и опстојување најголема заслуга има легендарниот боксер, тренер, функционер и основоположник на „Златниот гонг“ Живко Дуковски, излегоа многу познати боксерски имиња. Од нив поголем број станаа прваци на Македонија, а имаа високи пласмани и на поединечните првенства на поранешната држава. Тука, пред сѐ, би ги споменал Реџепагиќ, Салиху, Самоиловски, Мемеди, Василев, Ѓошевски, Смилевски, Ристевски, Асанов, Калач, Голубиќ, Кадри… Имаше и други боксери, кои, пак, дадоа голем придонес во екипните постигнувања, зашто Скопје повеќе години беше стандарден член на Втората, мошне силна југословенска лига. Потоа, по осамостојувањето на нашата држава на рингот се појави тандемот Мумин Вели и Примислав Димовски. Двајцата продолжија да ја одржуваат традицијата, што со години ја градеше клубот од Автокоманда.
Овој пат ќе се задржам на кариерата на „тешкашот“ Примислав Димовски, кој до денес остана верен на спортот од својата младост и во моментов е прв човек на Боксерската федерација.

ОТВОРЕН ИЗЛЕЗ НА МЕЃУНАРОДНАТА СЦЕНА

Димовски пројави интересирање за боксот уште во осумгодишното училиште. Тогаш за децата најпривлечни беа фудбалот, кошарката и ракометот, кои најмногу ги практикуваа и на часовите по физичко. Но за разлика од другите деца, тој покрај тоа што најчесто играше фудбал, се определи за боксот. За неговите другари тоа не беше изненадување, зашто и според својата конституција, крупен, мускулест и што е битно брз во движењата, беше како роден за боксот.
– Желбата да боксувам ме однесе во салата на БК Скопје во Автокоманда, каде што под будното око на основачот на клубот Живко Дуковски тренираа боксерите од сите возрасти. Јас со својата тежина припаѓав на оние потешки категории, кои беа и дефицитарни, па така ми остануваше само да тренирам и секогаш да имам загарантирано место во кадетската и младинската екипа, а потоа иако уште бев младинец и во сениорскиот тим. Но оној период кога Скопје се натпреваруваше во Втората лига не го „фатив“, зашто тогаш дојде до распад на Југославија, а јас имав само 12 години и ги правев првите чекори на рингот. Но затоа, пак, беше формирана наша лига и клубот редовно учествуваше во натпреварите и на турнирите, од кои особено беше привлечен „Златниот гонг“ за кој имавме специјални подготовки, зашто тоа беше наш турнир и настојувавме да бидеме што подобро подготвени за трофејот да заврши кај некој од нас – ја почнува својата приказна Примислав Димовски.

ОСТРОТО ОКО НА ДУКОВСКИ

Уште со првото доаѓање во салата Дуковски веднаш виде нешто во Димовски, кој, како што вели, не само што беше корпулентен, туку имаше неверојатна брзина несвојствена за боксерите во потешките категории.
– Тоа што веднаш бев прифатен во клубот ми даде крилја да почнам уште посериозно да тренирам и да се подготвувам за настапите. Почетокот беше повеќе од успешен, во кадетска конкуренција немав достоен ривал во Mакедонија, а со оглед на тоа што нашата федерација во 1994 година беше примена за рамноправна членка на ФИБА и на ЕАБА (светската и европската федерација) веднаш ни беше отворена вратата за настап на врвните светски приредби. Во 1995 година во имињата на Тони Насковски и Тони Јаневски под знамето на Македонија ги имавме првите учесници на СП во Берлин. Јас, пак, со оглед на годините, ја искористив шансата и боксував на Европското кадетско првенство во Турција, каде што под водство на тренерот Руждија Калач стигнав до бронзениот медал во тешка категорија. Тој медал, всушност, беше првиот за Македонија од меѓународната сцена по осамостојувањето на нашата држава – вели Димовски.
Инаку, Димовски се сеќава на својот прв меѓународен настап на кој покажа дека може рамноправно да се носи со своите врсници.
– Победив на турнирот во Смедерево и тоа беше убав показател во кој правец ќе се движи мојата кариера. Знаев дека можам далеку да стигнам и затоа не испуштав ниту еден тренинг – вели тој.
Како што минуваа годините, Димовски добиваше тежина и одеше во погорните, потешки категории. Прво настапуваше во полутешка, за кариерата да ја заврши во супертешка категорија, која, всушност, по тежината на ударите е најопасна и боксерот постојано треба да биде внимателен, што би рекле да биде на штрек, за навреме да ги одбива нападите на ривалите. Тука до полн израз доаѓаат рефлексот и брзината, особини што на нашиот шампион не му недостигаа, за што говори и податокот што ниту еднаш во кариерата не беше нокаутиран.

КОЛЕКЦИОНЕР НА „ГОНГОВИТЕ“

Интересно е дека Примислав Димовски уште како младинец, со специјална лекарска дозвола, се натпреваруваше и боксуваше со сениорите. Тој од Дуковски и од Руждија Калач, кој во понатамошниот дел од кариерата постојано беше покрај него, ги доби основните совети како да се однесува на рингот. Неговата интелигенција секогаш го водеше на вистинскиот пат и во секоја ситуација наоѓаше соодветно решение за да се заштити или да атакува кон противникот.
– Во мечевите влегував мирно, без да се изложувам на непотребни ризици. Добро знаев колку тоа може да биде опасно, доколку тргнам неконтролирано во напад. Затоа тактизирав и чекав шанса за да зададам удар и да поентирам. Тука имав голема помош и од секундантите. Тренерот Калач уште од првите моменти го снимаше противникот и често на негов знак одев во напад или ако ситуацијата го налагаше тоа се повлекував. Бевме уигран тандем, а тука често се уфрлаше и Мумин Вели со кого неколку години бевме неразделни, делејќи ја истата „боксерска“ судбина. Но за разлика од мене, тој во полесните категории стигна до две бронзи од Европските сениорски првенства во Ливерпул и во Пловдив – вели Димовски.
Димовски во последните три години од минатиот век (1998, 1999, 2000) беше толку супериорен што изведе еден хет-трик освојувајќи го едноподруго „Златниот гонг“, највредниот трофеј што се доделува на домашниот ринг.
– Кога почнав да боксувам најголема желба ми беше да го освојам токму тој трофеј што се доделуваше на меѓународниот турнир „Златен гонг“, кој беше организиран од нашиот клуб. Од година на годината „Гонгот“ стануваше сѐ попопуларен и на него учествуваа боксери од многу земји меѓу кои имаше и носители на медали од големите приредби. Затоа, освојувањето на „Гонгот“ беше многу значајно за секој наш боксер -, вели Димовски.

Практично, „Гонгот“ за многу македонски боксери беше виза за настап на другите слични турнири низ светот. Тој, исто така, беше еден вид филтер за учество и на квалификациите дури и за Летните олимписки игри (ЛОИ).
– Откако го добив потребното искуство, во пролетта во 2000 година добив шанса да се борам за олимписка норма. Учествував на квалификацискиот турнир во Ливерпул, каде што само првиот патуваше на ЛОИ во Сиднеј. Јас на турнирот стартував со победа над првакот на БиХ, потоа имав уште две победи, и тоа една против Камареле од Италија, кој потоа на ЛОИ во Пекинг го освои златниот медал и заедно со Русо беше најпопуларниот италијански боксер во тој период. Мечот со Камареле беше жесток, па на крајот резултатот беше 3-3. Меѓутоа, поради мојата поактивна борба судиите ми ја доделија победата. Сличен беше и дуелот со Мастер од Холандија, кој заврши 4-4, но повторно со судиско надгласување јас бев прогласен за победник. Конечно, во финалето, кога веќе бев исцрпен доживеав пораз од првакот на Франција, Шане, со 1-2, кој потоа беше европски првак во Тампере. Учеството во финалето, сепак, ми овозможи да одам на ЛОИ во Сиднеј и да бидам прва резерва – рече Димовски.
За сиднејските денови и за учествата на европските и на светските првенства, а и за малерите со повредите, ќе читате идната недела.


ПРИМИСЛАВ ДИМОВСКИ

Роден: во 1980 година во Скопје
Кариера: БК Скопје и репрезентација на Македонија
Успеси: учесник на шест ЕП и на три СП (Чикаго, Милано и Баку), петти на СП во Милано, меѓу 16-те на СП во Чикаго, прва резерва на ЛОИ во Сиднеј, четирикратен освојувач на „Златниот гонг“, победник на Еврокупот во 2010 година во Украина, трет на Европското кадетско првенство во 1995 година во Турција, повеќекратен првак на Македонија во полутешка, тешка и во супертешка категорија