Во службените простории на Јапонската амбасада вчера се одржа пригодна церемонија на која Џудо федерацијата на Македонија (ЏФМ) и додели награда Почесен црн појас- 1 дан на Нејзината Екселенција, Кеико Ханеда, амбасадорката на Јапонија во земјава.
Во име на Федерацијата, плакетата и црниот појас со посвета ја предадоа претседателот Владимир Трпаноски и потпретседателот Горан Антевски. Притоа, тие се заблагодарија за четиригодишната посветеност на амбасадорката за ангажираноста и развивањето на џудото во Македонија.
Ханеда изрази голема благодарност за признанието и се заложи во иднина, како почесен член на џудото во Македонија, да продолжи со активностите за соработка меѓу џудо спортистите од Македонија и Јапонија.
Амбасадорката истакна дека во изминатите години со нејзиниот ангажман секогаш го подржувала секој спорт што го развива духот и здравјето на граѓаните. Исто така, изрази огромно задоволство за можниот настап на македонските џудисти на претстојните Летни олимписки игри во Токио и можноста за омасовување и развој на џудото во наредниот период.
Развивањето и омасовувањето на џудо спортот, исто така е и голем приоритет на Џудо федерацијата, која во претходниот период го стабилизира своето и работењето на клубовите.
Преку активностите за константен напредок и помош на клубовите, во наредниот период цел е да се задржи и зголеми бројот на џудоки. Потребно е во иднина да се доближи овој благороден спорт до секое дете, преку негово изучување и тренинг во училиштата. Заложба е и на Меѓународната џудо федерација да се подигне во рамките кои ги заслужува овој спорт преку финансиска подршка во најмалку 10 училишта во Македонија.
На средбата беше истакнато дека јапонската амбасада и во наредниот период ќе продолжи со помош и развој на овој благороден спорт преку материјална поддршка во опрема и можност за обука на џудоки во Јапонија. Исто така, беше разговарано за следните активности на започнатиот проект за донација на спортска опрема од Јапонија за ЏФМ.