ТОМИ СТЕФАНОВСКИ (1)
Резултатите постигнати во маратонското пливање му обезбедија место меѓу најславните светски спортисти. Томи Стефановски во четиридецениското занимавање со пливањето беше победник во Светскиот куп, а забележа и неколку триумфи на светските маратони. Круна на неговата кариера беа победата на Охридскиот маратон и препливувањето на каналот Ла Манш. Тој беше и ватерполист и ги бранеше боите на Македонија
Оние што ќе остават трага во некој од спортовите, за да не се заборават, зашто генерациите се менуваат, не само што влегуваат во спортската антологија, туку може да се најдат и на највпечатливото место – во „Куќата на славните“. Така, споменот на нив и на нивните постигнувања вечно ќе се памети. Македонија може да биде среќна и горда што токму во „Куќата на славните“ во Лос Анџелес свое место најде и нашиот познат пливачки маратонец Томи Стефановски.
Надвор од границите на нашата земја можеби и се прашуваа кој е тој спортист што успеа да стигне меѓу најславните? Дома, кај нас, сите знаеја кој е, знаеја дека Томи во четиридецениското занимавање со пливањето, во еден период и со ватерполото, е спортист што беше победник во ФИНА-купот (светскиот) во маратонско пливање, знаеја, исто така, дека тој беше победник на неколку светски маратони, а круна на неговата кариера беше препливувањето на каналот Ла Манш, што е сон на секој маратонец.
Томи Стефановски потекнува од спортско семејство. Неговиот татко Душко беше еден од првите македонски ватерполисти, а неговиот шест години постар брат Боро и ден-денес е присутен во македонското ватерполо. За него, исто така, пишував и можевте да прочитате на оваа страница на спортскиот додаток на „Нова Македонија“ во минатите две недели.
– Кога во семејството имаш спортски амбиент, кој го создадоа татко ми и постариот брат, јас не можев да останам имун и да не почнам да се занимавам со спорт, во конкретниов случај со пливањето. Мојот татко беше пливач и ватерполист, потоа по неговите стапки тргна и постариот брат Боро, па некако логично беше и јас да се најдам во базенот и да почнам да ја градам својата кариера – ја почнува својата приказна Томи.
Меѓутоа, Томи отиде најдалеку и како што спомнав во почетокот, тој се најде и во „Куќата на славните“ во Лос Анџелес. А да се стигне дотаму навистина зад себе треба да имаш богата кариера исполнета со многу врвни спортски резултати. Популарниот македонски спортист го имаше сето тоа, а како дојде до тоа, ќе видиме од неговото кажување.
ДЕСЕТ ТИТУЛИ НА ЕДНО ПРВЕНСТВО
– Татко ми Душко беше главен виновник што почнав да се занимавам со пливањето, а потоа и со ватерполото. Тој уште од мали нозе ме донесе на базенот и практично ме фрли во него. Тогаш штотуку беше изграден базенот во Карпош, па така имаше услови да се тренира преку целата година. По совладувањето на техниките на пливањето почнав и да се натпреварувам. Омилен стил ми беше делфин, па токму во него ја освоив и првата титула на пионерското првенство на Македонија. Потоа почнаа да се редат и други победи речиси во сите стилови. На 10-годишна возраст на едно првенство во Струга победив дури во десет дисциплини – вели Томи.
Овие победи беа и стимул за Томи со уште поголем жар да продолжи да тренира и да се натпреварува. Така, на 12-годишна возраст беше петти меѓу пионерите во поранешната држава, а веќе на 14 години се искачи и на пиедесталот. Беше трет во делфин на шампионатот во Риека. Во истиот град две години подоцна во конкуренција на пионери до 16 години двапати се качуваше на подиумот – ги освои второто и третото место во трките во делфин на 100 и на 200 метри.
– Се сеќавам, во дисциплината во која бев втор, на 200 метри делфин, победник беше подоцнежниот сениорски првак на Југославија Милош Милошевиќ, кој стигна до медали и на европските првенства. Сето тоа најдобро зборува за тогашниот квалитет на пливањето и за вредноста на моите резултати. Токму тие постигнувања ми ја отворија вратата на државната репрезентација за настап на Балканијадата во Измир во 1987 година. Таму бев петти, што беше оценето како добар пласман – вели Томи.
ГОДИНИ ЗА ВАТЕРПОЛОТО
Кога се очекуваше Томи Стефановски да продолжи со постигнувањата во пливачкиот спорт, доаѓа до пресврт во неговата кариера. Веројатно заситен од секојдневното пливање, за да ја разбие монотонијата, му се приклучува на својот брат Боро и почнува да тренира ватерполо.
– За секој добар пливач не е голем проблем кога од овој спорт сака да помине во ватерполото. Тој дури има и предност пред другите, зашто ја има совладано пливачката техника, а низ секојдневните тренинзи ја добива и потребната брзина, која е толку неопходна во ватерполото. Исто така, по Балканијадата во Измир беше периодот кога требаше да се префрлам во младинска, а потоа и во сениорска конкуренција каде што не бев уверен дека ќе можам да ги постигнувам истите пласмани на државните првенства. Во Југославија имаше еден голем наплив на млади пливачи, а сениорите, пак, беа толку квалитетни што не ги препуштаа своите позиции. Дилемата дали ќе можам да влезам во костец со нив долго ме мачеше, па затоа решив да се посветам на ватерполото – вели Томи.
Во тие години ватерполо-клубот Вардар беше водечки во Македонија, а рамноправно се носеше и со силните екипи во Втората југословенска лига. Вардарци постојано беа во врвот на табелата, за во 1990 година да го освојат првото место и да се пласираат во елитната лига. Но набргу дојде распадот на државата, па така се распадна и таа Прва лига, не само во ватерполото, туку во сите екипни спортови. Томи Стефановски настапи и во првата македонска сениорска ватерполо-репрезентација, која подоцна засилена со ватерполисти од поранешните југословенски простори стигна и до завршницата на Европското првенство во Малага, а на Универзијадата во Сенжен (Кина) го освои бронзениот медал. Но сево ова се случуваше многу подоцна, од времето кога Томи играше за првата селекција на Македонија на квалификациските турнири во Данска и во Англија.
ПОЧЕТОК СО МАРАТОНСКОТО ПЛИВАЊЕ
Интересно е дека паралелно со ватерполото Томи Стефановски од 1992 година почна сериозно да се занимава и со маратонското пливање. Тогаш, по иницијатива од мојот колега и другар Мирослав Наумовски-Лав, кој беше главен уредник на новоизлезениот спортски весник „Скок“, беше возобновен Охридскиот маратон. Во Македонија се создадоа една поволна клима и амбиент, маратонското пливање да се врати на старите патеки, како оние од времето на Нико Нестор и братот и сестрата Дики и Атина Бојаџи.
– Јас како активен ватерполист, а сѐ уште и учесник на пливачките натпревари во Македонија, почувствував дека со возобновувањето на Охридскиот маратон ми се дава една нова можност за докажување. Ако мојот татко, како што реков беше главен виновник да дојдам во пливањето, така Охридскиот маратон беше главен виновник комплетно да му се посветам на маратонското пливање. Од настапот на првиот маратон, во кој во вистинска смисла ја почувствував убавината на овој спорт, а бев и високопласиран, на 5-то место, веќе долгото пливање и минувањето километри и километри станаа мое секојдневие. Тука добив можност за постојани натпревари, додека во ватерполото чекавме да учествувавме само на 3-4 турнири во текот на годината, што навистина беше малку и не можеше да ги задоволи моите спортски апетити. Не го напуштив ватерполото, но сега основен спорт ми беше маратонското пливање во кое главна цел ми беше да стигнам до светскиот врв – вели тој.
За тоа како ја оствари поставената цел и како успеа да го преплива Ла Манш, и тоа за суперрезултат, побрз од осум часа, ќе читате следната недела. Тогаш ќе прочитате и која победа на маратоните му донесе најголема радост.
Томи Стефановски
Роден: во 1971 година во Скопје
Кариера: ПК Студент, ПВК Вардар, ВК Младост, репрезентација на Македонија и на поранешна Југославија
Успеси: пливање – повеќекратен пливачки првак на Македонија во сите конкуренции, второ и две трети места меѓу пионерите и кадетите на шампионатите на Југославија, петто место на Балканијадата во Измир 1987 година.
Маратонско пливање: победник во ФИНА-купот (Светски куп) во 2016 година, победник на Охридскиот маратон во 2016 година, победник на маратонот на езерото Сен Жан во Канада, многу втори и трети места и пласмани меѓу првите петмина на маратоните низ светот, европски првак во мастерс-серијата за маратонци до 50 години на Кипар (2019 година), препливан каналот Ла Манш пред десет години.
Ватерполо: повеќекратен екипен првак на Македонија со Вардар и со Младост, прв во Втората југословенска лига и пласман во Првата ватерполо-лига, репрезентативец на Македонија.