Трката треба да почне во Париз, на 24 јули, на последниот ден од машката трка, а ќе трае до 31 јули, со вкупно осум етапи, во должина од 1.029 км

ВЕЛОСИПЕДИЗАМ

По 33-годишна пауза, в година ќе има велосипедска трка Тур де Франс за жени, беше објавено на прес-конференцијата во Париз. Таа трка треба да почне во Париз, во близината на Ајфеловата кула, на 24 јули, на последниот ден од трката за мажи, а ќе трае до 31 јули, со осум етапи, во вкупна должина од 1.029 км, и со цел во ски-центарот, на највисоката точка (1.148 м) на Ла Планш де Бел Фиј, во источна Франција. Последните два дена на планинските етапи би требало да бидат решавачки за исходот на трката.
Завршната етапа, наречена и „кралица“, долга е 123 км и има две големи искачувања пред целта на врвот, кој првпат се најде на програмата на Тур де Франс за мажи во 2019 година.
Претходно Тур де Франс за велосипедистки се возеше од 1984 до 1989 година, а оттогаш во минатите триесетина години не беше вклучена како дел од официјалниот Тур де Франс.
– Оваа трка треба да напредува самостојно и да го задржи фокусот што го поседува Тур де Франс. Таа ќе има постојано место во велосипедскиот календар, треба да произведе и да овековечи длабоки емоции на овој нов летен настан, што ќе добие неподелено внимание, како и поддршка од главните и историски партнери на Тур. Победничките ќе знаат дека оваа трка е врв на нивната сезона. И за 100 наредни сезони, па и повеќе – изјави директорката на трката Марион Рус.