ШАХ – СЕПТЕМВРИСКА РЕЈТИНГ-ЛИСТА
Македонските шахисти (првите 100 на листата) одиграа повеќе партии во класичен шах, односно на табла отколку најдобрите шахисти во светот во август. Најдобрите 100 во светот играа претежно преку интернет, а само четворица беа присутни на класични турнири заштитени со соодветни протоколи поради пандемијата на коронавирусот. Македонските шахисти (46) одиграа вкупно 178 класични партии во август, а најмногу Емил Ристески, Антон Златков и Андреј Велков, сите по 13.
На ранг-листата и понатаму е прв, по 111-ти пат, Норвежанецот Магнус Карлсен (рејтинг 2.863), пред Американецот Фабијано Каруана (2.835) и Кинезот Динг Лирен (2.791).
Кај жените води, по 67. пат, Кинезинката Јифан Хоу (рејтинг 2.658), пред Индијката Химпи Конеру (2.586) и Русинката Александра Горјачкина (2.582).
Екипно прва е Русија (2.739 просечен рејтинг на првите 10 шахисти), пред САД (2.715) и Кина (2.705), а Македонија е 50-та (2.472) од 184 држави. Поединечно на македонската листа води Кирил Георгиев (рејтинг 2.592), пред Филип Панчевски (2.519) и Никола Митков (2.518)